Изреки 12 MKB

1 Кој ја љуби поуката, го љуби знаењето, а кој го мрази укорувањето неук е.

2 Добриот добива милост од Господа, а подмолниот осуда.

3 Човекот не се зацврстува со беззаконие, а коренот на праведникот не се помрднува.

4 Добродетелната жена е венец на својот маж, а срамотната е како гнилеж во неговите коски.

5 Мислите на праведните се справедливи, а сплетките на нечесните се измамливи.

6 Зборовите на нечесните се заседа за крвопроливање, а праведните ги избавува нивната уста.

7 Нечесните се сосипуваат и веќе ги нема, а домот на праведникот останува.

8 Човекот бидува пофалуван според остроумноста на својот разум, а опакиот во срцето ќе биде презрен.

9 Подобро е да бидеш мал и да имаш само еден слуга, отколку да се издигаш, а да немаш ни леб.

10 Праведникот внимава и на животот на својот добиток, додека на нечесниот срцето му е свирепо.

11 Кој ја обработува својата земја, наситен е со леб, а кој трча по суетата, неразумен е.

12 Копнежот на нечесниот е мрежа од зло, а коренот на праведникот дава плод.

13 На нечесниот стапица му е гревот на неговата уста, а праведникот се избавува од беда.

14 Од плодот на својата уста секој ќе се насити изобилно, а она што го направил со рацете, ќе му се врати.

15 На лудиот му се чини прав неговиот пат, а мудриот човек слуша совети.

16 Безумникот веднаш го покажува својот бес, а умниот го покрива срамот.

17 Кој говори вистина, открива што е право, а лажниот сведок - измамата.

18 Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување.

19 Вистинита уста трае довека, а лажливиот јазик само за миг.

20 Измамата е во срцето на оние, кои смислуваат зло, а радост во оние што делат мирољубиви совети.

21 Праведникот не го стигнува никаква неволја, а нечесните се исполнети со зло.

22 Одвратни Му се на Господа лажливите усни, а Му се мили кои зборуваат вистина.

23 Благоразумниот човек го прикрива своето знаење, а безумничкото срце ја разгласува својата глупост.

24 Трудољубивата рака ќе владее, а безгрижните ќе одат кон подложност.

25 Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели.

26 Праведникот го води својот пријател, а нечесните ги заблудува нивниот пат.

27 Мрзливиот нема да го улови својот лов, а трудољубието е скапоцено благо за човекот.

28 Животот стои врз патеката на правдата, и на нејзиниот пат нема смрт.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31