Изреки 29 MKB

1 Човекот кој по опомената останува тврдоглав, во миг ќе се скрши и нема да му има лек.

2 Народот се радува кога се умножуваат праведниците, а народот воздивнува, кога ќе завладеат нечесните.

3 Човек кој ја љуби мудроста, го радува татка си, а кој се дружи со блудниците, го растурува имотот.

4 Царот ја одржува државата со правда, а ја разурнува кој бара подароци.

5 Човек кој му ласка на својот ближен, им простира мрежи на неговите стапки.

6 Во гревот е стапицата за лошиот човек, а праведникот ликува и се весели.

7 Праведникот го разбира правото на бедните, а нечесниот не вникнува за да сфати.

8 Потсмевачите го запалуваат градот, а мудрите го стивнуваат гневот.

9 Кога мудриот спори со безумникот, или да се гневи, или да се смее, сеедно, нема мир.

10 Крвопијците го мразат чесниот, а праведниците се грижат за неговиот живот.

11 Безумникот го излева сиот свој гнев, а мудриот го воздржува.

12 Ако владетелот послуша лажлив збор, сите негови слуги стануваат нечесни.

13 Сиромавиот и дерикожецот се среќаваат, Господ ги просветлува очите на двајцата.

14 Цар кој им суди на бедните според правдата, има цврст престол довека.

15 Прачката и изобличувањето даруваат мудрост, а разузданото дете ја срами својата мајка.

16 Кога се множат нечесните, се множи и беззаконието, но праведниците ја набљудуваат нивната пропаст.

17 Изобличи го својот син, и ќе те успокои и ќе и даде радост на твојата душа.

18 Каде нема откровение пророчко народот се разуздува, а кој го пази Законот е блажен!

19 Само со зборови не се поправува слугата, зашто не се покорува, иако сфаќа со умот.

20 Дали си видел човек брз на зборови? И безумникот има повеќе надеж од него.

21 Кој го мазни својот слуга од детство, после ќе му биде како син.

22 Гневливиот човек предизвикува препирки, а избувливиот човек прави многу гревови.

23 Гордоста го понижува човекот, а смирениот во дух придобива чест.

24 Кој со крадец дели плен, се мрази самиот: слуша проклетства и ништо не открива.

25 Стравот му поставува стапица на човекот, а кој се надева на Господа, наоѓа закрила.

26 Мнозина ја бараат милоста на владетелот, но Господ дели правда секому.

27 Неправедникот им е омразен на праведните, а праведникот е омразен на нечесните.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31