Изреки 11 MKB

1 Лажната мерка гнасна е на Господа, а полната мерка му е угодна.

2 Со гордоста доаѓа срамот, а мудроста е во смирените.

3 Праведните ги води нивната невиност, а безбожниците ќе ги погуби нивното лукавство.

4 Богатството не помага во денот на Божјиот гнев, а правдата избавува од смрт.

5 На непорочниот правдата му го исправува неговиот пат, а нечесниот пропаѓа од својата нечесност.

6 Справедливите ги избавува нивната правда, а беззакониците се фаќаат во својата злоба.

7 Кога лошиот човек умре, надежта му пропаѓа, и надежта и очекувањето на грешникот се рушат.

8 Праведникот се спасува од беда, а нечесниот доаѓа на неговото место.

9 Лицемерот го убива, со устата, својот ближен, а праведниците се избавуваат со знаење.

10 Градот се радува на успехот на праведниците и воскликнува заради пропаста на нечесниот.

11 Со благословот на праведните градот се воздига, а со устата на нечесните се разурнува.

12 Неразумникот го презира својот ближен, додека умниот човек молчи.

13 Кој оди со клеветата, ја открива тајната, а човек со верен дух ја чува тајната.

14 Каде нема раководство народот пропаѓа, а при многу советници, тој се избавува.

15 Многу лошо поминува кој емчи за друг, а без страв е кој го мрази емството.

16 Благочестивата жена придобива слава, а трудољубивите мажи богатство.

17 Милостивиот човек сам си прави добро, а жестокиот го измачува сопственото тело.

18 Нечесниот човек придобива измамлива печалба, а кој сее правда, има сигурна награда.

19 Кој е цврст во справедливоста, оди во живот, а кој трчи по злото, за смрт му е.

20 Одвратни му се на Господа нечесните во срцето, а непорочните во патот му се благоугодни.

21 Навистина, зол човек не ќе помине без казна, а потомството на праведникот ќе се избави.

22 Златна обетка на носот на свињата: таква е убава жена а без разум.

23 Праведничката желба е само добро, а очекувањето на нечесните гнев.

24 Кој дели изобилно, сè повеќе има, а кој скржави сè е посиромашен.

25 Благотворната душа наоѓа поткрепа, а кој ги напојува другите, сам ќе се напои.

26 Кој не дава жито, народот го колне, а благословот е над главата на оној што го продава.

27 Кој се стреми кон добро, наоѓа милост, а кој оди по злото, тоа ќе го снајде.

28 Кој се надева на богатство, пропаѓа, а праведните ќе цветат како зелено лисје.

29 Кој ја запустува својата куќа, ќе наследи ветер, а неумниот му е слуга на умниот по срце.

30 Праведниковиот плод е дрво на животот, а мудрец е, кој придобива души.

31 Ако на праведникот му се плаќа за заслуженото на земјата колку повеќе на нечесниот и на грешниот.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31