1 Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот.
2 Јазикот на мудрите луѓе го прославува знаењето, а устата на безумните истурува глупост.
3 Господовите очи се на секое место и ги набљудуваат и лошите и добрите.
4 Благиот јазик е дрво на животот, а пакосниот е рана за духот.
5 Безумниот ја презира поуката на својот татко, а кој прима укор, е благоразумен.
6 Во праведниковиот дом има големо изобилство, а нечесниот ја печали својата пропаст.
7 Усните на мудрите сеат знаење, а срцето на безумникот е непостојано.
8 Жртвата на нечесниот Му е омразена на Господа, а мила Му е молитвата на праведните.
9 Патот на нечесните Му е омразен на Господа, а возљубен Му е оној, кој оди по правдата.
10 Тешка казна го чека оној кој го остава правиот пат, а ќе умре кој го мрази изобличувањето.
11 И Пеколот и Гибелта стојат пред Господа, а колку повеќе срцата на човечките синови.
12 Потсмевачот не го љуби оној што го кори: тој не се дружи со мудрите.
13 Веселото срце го разведрува лицето, а болката во срцето тешкотија е за духот.
14 Разумното срце бара знаење, а безумничката уста се занимава со глупост.
15 За натажениот сите денови се зли, а кому срцето е весело, на гозби е постојано.
16 Подобро е малку со страв од Господа, отколку големо богатство и немир со него.
17 Подобар е оброк со зеленчук каде е љубовта, отколку згоен вол каде е омразата.
18 Гневливиот човек заметнува препирка, а стрпливиот ја стивнува расправата.
19 Патот на мрзливиот е како глогово трниште, а патеката на праведникот е разгазена.
20 Мудриот син го весели таткото, а безумниот ја презира својата мајка.
21 Лудоста е веселба за неразумниот, а разумниот човек оди право.
22 Не успеваат намерите, каде што нема советување, а се остваруваат каде има многу советници.
23 Човекот се радува на одговорот на својата уста, и зборот во право време колку е добар!
24 За разумниот човек патот на животот оди нагоре, за да се отстрани од пеколот, што е долу.
25 Господ го разурнува домот на гордите, а ја поставува меѓата на вдовицата.
26 Омразени му се на Господа лошите мисли, а чистите зборови му се мили.
27 Користољубивиот го разурнува својот дом, а кој го мрази поткупот, ќе живее.
28 Праведниковото срце смислува одговор, а устата на нечесниот зборува злоба.
29 Далеку е Господ од нечесните, а ја слуша молитвата на праведните.
30 Бистриот поглед го развеселува срцето, и радосната вест ги гои коските.
31 Увото што го послушува спасоносното изобличување живее меѓу мудреците.
32 Кој отфрла поука ја презира сопствената душа, а кој прима поправка, се здобива со разум.
33 Стравот од Господа е училиште на мудроста, зашто смиреноста оди пред славата.