Изреки 28 MKB

1 Неправедните бегаат и кога никој не ги гони, а праведниците се смели како млад лав.

2 Кога се греши во земјата, управителите и се многу, а со разумен и умен човек управата е постојана.

3 Бедниот човек, кој ги угнетува слабите, е пороен дожд, по кого нема леб.

4 Отстапниците од Законот ги величаат нечесните, а кои го пазат Законот им се противат.

5 Лошите луѓе не ја разбираат правдата, а кои Го бараат Господа, разбираат сè.

6 Подобар е бедниот, кој живее непорочно, отколку богатиот, кој чекори по крив пат.

7 Кој го пази Законот, е разумен син, а кој се дружи со ненаситниците го срамоти татка си.

8 Кој го умножува своето богатство со заемодавство и придобивки, го собира за оној, кој е милостив кон сиромашните.

9 Кој го отклонува своето уво, за да не го слуша Законот, и неговата молитва е омразена.

10 Кој ги заведува чесните на лош пат, ќе падне во својата јама, а чесните ќе го наследат доброто.

11 Богатиот човек се смета мудар за себеси, но разумниот сиромав ќе го разобличи.

12 Голема слава е кога се радуваат праведниците, а кога се издигаат нечесните, луѓето се кријат.

13 Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост.

14 Блажен е човек, кој секогаш се бои, зашто човек со тврдо срце запаѓа во несреќа.

15 Лав што рика и гладна мечка: таков е опакиот владетел за бедниот народ.

16 Неразумниот управител прави многу насилства, а кој ја мрази лакомоста, живее долго.

17 Човек кој е виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб: не застанувајте го.

18 Кој живее праведно, се спасува, кој оди по криви патишта, пропаѓа на еден од нив.

19 Кој ја обработува својата земја, ќе се насити со леб, а кој трча по суетите, ќе се насити со сиромаштво.

20 Чесниот човек изобилува со благослови, а кој брза по богатство, не останува без казна.

21 Не чини да се биде пристрасен на суд, зашто и за залак леб човекот прави зло.

22 Лакомецот брза по богатството, а не знае дека ќе го стигне скудноста.

23 Кој го изобличува човекот, после ќе најде поголема милост, отколку оној, кој ласка со својот јазик.

24 Кој ги ограбува татка си и мајка си и вели: „Не е грев”, другар му е на разбојникот.

25 Срцето на горделивецот зафаќа препирка, а кој се надева на Господа, ќе напредува.

26 Безумен е кој се надева на своето срце, а се спасува кој живее мудро.

27 Кој му дава на бедниот, не трпи скудност; а кој ги одвраќа своите очи, ќе биде проклет.

28 Кога се издигаат нечесните, луѓето се кријат, а кога пропаѓаат, тогаш се умножуваат праведниците.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31