Изреки 7 MKB

1 Сине мој, чувај ги моите зборови и запази ги моите заповеди при себеси.

2 Пази ги моите заповеди, и ќе бидеш жив, и мојата поука како зеницата на своето око.

3 Заврзи ги на своите прсти, запиши ги врз плочата на своето срце;

4 речи и на мудроста: „Моја сестра си”, и разумот наречи го роднина,

5 за да те чуваат од жена прељубница, од туѓинка која зборува ласкаво.

6 Кога бев еднаш при прозорецот на својата куќа и гледав надвор, низ решетката,

7 видов меѓу лесноумните, забележав меѓу момчињата неразумен младец:

8 Поминуваше по улицата покрај нејзиниот агол, и чекореше по патот кон нејзината куќа,

9 во примрак, меѓу денот и вечерта, кога се спушта ноќната темнина.

10 И ете, го сретна жена, облечена како блудница и со измама во срцето.

11 Беше тврдоглава и разуздана, нејзините нозе не застануваа дома;

12 беше час на улиците, час на раскрсниците, и дебнеше при секој агол.

13 И го фати и го пољуби, и му рече, со безобразно лице:

14 „Бев должна да принесам помирителна жртва и денес го исполнив својот завет;

15 затоа ти излегов во пресрет, да те барам, и те најдов.

16 Своето легло го послав со килими, со везени египетски покривачи;

17 својата постела ја намирисав со смирна, алој и канела.

18 Ајде да се ситиме со нежности до утрото и да се насладуваме во љубовта.

19 Зашто мојот маж не е дома, отиде на далечен пат;

20 зеде со себе ќесе со сребро, а ќе се врати дома одвај при полната месечина.”

21 Така го заведе со своето наговарање, го одвлече со своите мазни усни.

22 И тој тргна лудо по неа, како што волот оди на кланица и како што еленот, заплеткан во мрежата, чека

23 додека стрелата не му го прониже црниот дроб, и како птицата што влетува во клопката, и не знаејќи дека тоа ќе ја чини животот.

24 Затоа, сине мој, послушај ме, и чуј ги зборовите на мојата уста:

25 Нека твоето срце не застранува по нејзините патишта, и нека не скита по нејзините патеки,

26 зашто мнозина ги рани смртно и ги падна, и мнозина се оние што ги уби.

27 Патиштата низ нејзината куќа водат во пеколот, долу во собите на смртта.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31