Изреки 8 MKB

1 Не проповеда ли мудроста, и не подига ли го својот глас разумот?

2 На врвот на ридот, покрај патот, на раскрниците стои;

3 при излезот од градот крај влезните врати, таа вика гласно:

4 „Вам ви проповедам, о луѓе, и го насочувам својот глас кон човечките синови!

5 Сфатете ја мудроста, вие неискусни, а вие неразумни, вразумете го срцето.

6 Слушајте, зашто ќе зборувам за важни нешта, и моите усни ќе откријат што е право,

7 зашто мојот јазик ја зборува вистината, а нечесноста е гнасна за моите усни.

8 Сите зборови на мојата уста се праведни, во нив нема ништо ни криво ни лукаво.

9 Сите тие се јасни за разумниот и праведни се за оној, кој придобил знаење.

10 Примајте ја мојата поука а не сребро, и знаењето е подобро од златото.

11 Зашто мудроста е поскапоцена од бисери, и никакви скапоцености не можат да се споредат со неа.

12 Јас, мудроста живеам со разумот и имам расудувачко знаење.

13 Стравот од Господа е омраза кон злото. Јас ги мразам: гордоста, самодостатноста, патот на лошото и уста полна со лаги.

14 Мои се советот и здравото мислење, јас сум разум, и моја е силата.

15 Преку мене царевите царуваат и началниците делат правда.

16 Преку мене кнезовите кнезуваат и големците и сите земни судии.

17 Јас ги љубам оние кои ме љубат мене, и ме наоѓаат кои ме барат.

18 Богатството и славата се во мене, постојаното добро и справедливоста.

19 Мојот плод е подобар од чистото и најчистото злато, и мојот приход е подобар од чистото сребро.

20 Јас чекорам по патот на правдата, среде справедливите патеки,

21 да им дадам имот на оние кои ме љубат и да ги наполнам нивните сокровишта.

22 Господ ме имаше во почетокот на Својот пат, пред Своите созданија, многу одамна.

23 Вообличена сум уште од вечноста, од почеток, пред создавањето на земјата.

24 Се родив кога уште немаше бездни, додека немаше извори на изобилни води.

25 Се родив пред да бидат основани горите, пред бреговите;

26 кога уште не ги имаше создадено земјата ни полињата, ни почетокот на земниот прав.

27 Кога ги создаваше небесата, бев присутна, кога распростираше свод над лицето на бездната;

28 кога ги зацврстуваше облаците во височината и кога ја одреди силата на изворот на прадлабочината.

29 Кога му ги поставуваше на морето неговите граници, за да не му се прелеат водите преку бреговите, кога ги поставуваше основите на земјата,

30 бев покрај Него, како градежничка, бев радосна, од ден на ден, радувајќи се пред Него сето време:

31 Се радував по почвата на Неговата земја, и мојата радост се човечките синови.

32 Така, деца, послушајте ме, блазе им на оние кои ги чуваат моите патишта.

33 Послушајте ја поуката, за да добиете мудрост и не ја отфрлајте.

34 Блазе му на човекот што ме слуша, и бдее пред моите врати секој ден, и кој ги чува моите довратници.

35 Зашто кој ме наоѓа мене, го наоѓа животот и добива милост од Господа.

36 А ако згреши кон мене, и пакости на својата душа: Сите што ме мразат мене, ја љубат смртта.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31