1 ословици Соломонови: Мудриот син го радува таткото, а безумниот син е тага на својата мајка.
2 Не ползува ништо нечесно богатство, додека праведноста избавува од смрт.
3 Господ не остава да гладува душата на праведниот. но ја отфрла лакомоста на нечесните.
4 Мрзливата рака го осиромашува човекот, а трудољубивата го збогатува.
5 Кој собира лете, разумен син е, а кој спие во жетвата донесува срам.
6 Благословите се над главата на праведникот, а устата на нечесните кријат насилство.
7 Благословен е праведниковиот спомен, а името на нечесниот ќе изгние.
8 Кој е со мудро срце, прима заповеди, додека брбливиот безумник пропаѓа.
9 Кој живее непорочно, оди без страв, а кој оди по криви патишта, ќе се познае.
10 Кој намигнува со окото, задава тага, а кој зборува лудо, пропаѓа.
11 Устата на праведниот се извор на живот, а устата на нечесниот крие насилство.
12 Омразата предизвикува раздор, а љубовта ги покрива сите погрешки.
13 Во усните на разумниот се наоѓа мудрост, а стапот е за плеќите на неразумниот.
14 Мудрите го кријат знаењето, а устата на неразумните е близу до пропаста.
15 Имотот на богатиот му е укрепен град, а на сиромашните сиромаштвото е нивна погибел.
16 Праведниот печали за живот, а нечесниот печали за грев.
17 Кој се придржува до поуките, е на патот на животот, а кој го отфрла укорот се заблудува.
18 Лажливите усни ја кријат омразата, а кој шири клевети - безумен е!
19 Изобилство зборови не бидува без грев, а кој го воздржува својот јазик, разумен е.
20 Праведниковиот јазик е одбрано сребро, а срцето на нечесниот е безвредно.
21 Усните на праведниот се храна на мнозина, а глупавите умираат од недостаток на разум.
22 Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака.
23 За безумниот е радост да направи срамно дело, а за разумниот да биде мудар.
24 Од што се плаши нечесниот, тоа ќе го најде, а желбата на праведниот се исполнува.
25 Како виорот што поминува, така го снемува нечесниот, а праведникот има вечна основа.
26 Какви се киселината за забите и димот за очите, таков е мрзливецот за оние што го праќаат.
27 Стравот од Господа ги умножува деновите, а на нечесните им се скратуваат годините.
28 Надежта на праведните е полна со радост, а надежта на нечесните пропаѓа.
29 Господовиот пат е закрила на праведникот, а пропаст за оние што прават зло.
30 Праведникот никогаш нема да се поколеба, а нечесните ќе ги снема од лицето на земјата.
31 Од устата на праведникот блика мудрост, а лажливиот јазик ќе биде отсечен.
32 Усните на праведникот знаат што е благопријатно, додека устата на нечесните што е злобата.