Изреки 3 MKB

1 Сине мој, не ги заборавај моите поуки, и твоето срце нека ги чува моите заповеди,

2 зашто ќе ти ги продолжат деновите и годините на животот и ќе ти додадат мир.

3 Нека не те оставаат добрината и верноста, обеси ги околу својот врат, запиши ги врз плочата на своето срце,

4 така ќе придобиеш милост и добро сфаќање пред Божјите и човечките очи.

5 Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум.

6 Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки.

7 Не замислувај дека си мудар: Бој се од Господа и отстранувај се од злото,

8 тоа ќе биде лек за твоето тело и поткрепа на твоите коски.

9 Почитувај Го Господа со својот имот и со првините на сиот свој приход,

10 и твоите житници ќе бидат преполни, и твоите каци ќе се прелеваат со ново вино.

11 Сине мој, не ги отфрлај Господовите опомени, и немој да го замразиш Неговиот укор,

12 зашто кого Господ го љуби, него и го изобличува како таткото синот, кого го љуби.

13 Блазе му на човекот, што ја нашол мудроста и на човекот, кој го придобил разумот.

14 Подобро е да се придобие таа отколку да се придобие сребро, и таа е поголема печалба и од златото.

15 Поскапоцена е од бисерите, и колку и да се твоите скапоцености, не можат да се споредат со неа.

16 Долгиот живот и е во десната рака, а во левата: богатство и чест.

17 Нејзините патишта се пријатни и сите нејзини патеки се полни со мир.

18 Таа е дрво на живот, за оние кои се придржуваат за неа, и благословен е оној што ќе ја задржи.

19 Господ ја основа земјата со мудрост и ги зацврсти небесата со умот;

20 со Негово знаење се отворија бездните и облаците истурија роса.

21 Сине мој, не губи го тоа од пред очите запази ги разумот и здравото расудување;

22 и ќе биде живот на твојата душа и украс на твојот врат.

23 Тогаш без страв ќе чекориш по својот пат и твојата нога не ќе се сопнува.

24 Кога ќе легнеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, ќе сонуваш слатко.

25 Не бој се од ненадеен страв ни од пребрзата пропаст, кога ќе ги стигне нечестивите,

26 зашто Господ ќе ти биде надеж и ќе ја чува твојата нога од стапица.

27 Не крати им добротворство на оние што имаат потреба кога можеш да го направиш тоа.

28 Не вели му на својот ближен: „Отиди си и дојди пак, и ќе ти дадам утре”, кога можеш веќе сега.

29 Не кови му зло на својот ближен, додека тој престојува без страв, кај тебе.

30 Не карај се без причина, со никого, ако не ти направил зло.

31 Не завидувај му на насилникот, ниту следи ги неговите патишта,

32 зашто на Господа му се гнасни развратите, а близок е со праведните.

33 Господовото проклетство е врз домот на безбожникот, а благословот е во домот на праведникот.

34 На потсмевнувачите тој им се потсмевнува, а на смирените им дарува благодат.

35 Мудрите ќе ја наследат славата, а безумниците ќе го носат срамот.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31