1 Мудриот син ја слуша татковата поука, а потсмевачот не го слуша изобличувањето.
2 Од плодот на својата уста човекот ја ужива добрината, а срцето на беззакониците е полно со насилство.
3 Кој ја пази својата уста го пази својот живот, а кој зборува невнимателно, за главата му е.
4 Душата на мрзливиот сака но без успех, а ќе се исполни желбата на трудољубивите.
5 Праведникот мрази лажлив збор, а нечесниот постапува нечесно и срамно.
6 Правдата го чува непорочниот во патот, а гревот го сосипува грешникот.
7 Некој се преправа на богат, а нема ништо; некој се преправа на беден, а има големо богатство.
8 Со своето богатство човекот го откупува животот, а бедниот не ги слуша заплашувањата.
9 Светлината на праведните секогаш е радост, а светилката на нечесниот гаси.
10 Гордоста раѓа само препирки, а мудроста е во оние, кои примаат совет.
11 Со измама придобиено богатство исчезнува, а кој собира со труд, го умножува.
12 Одложуваната надеж го изнемоштува срцето, а исполнетата желба е дрво на животот.
13 Кој го презира словото, тој пропаѓа, а кој ги почитува заповедите, добива плата.
14 Поуката на мудриот е животен извор, таа избавува од примките на смртта.
15 Добриот разум прибавува пријатност, а патот на беззакониците е нерамен.
16 Секој умен дејствува промислено, а безумникот се фали со својата лудост.
17 Лошиот гласник паѓа во зло, а верниот пратеник донесува исцеление.
18 Сиромаштија и срам ќе дојде за оној, кој ја отфрла поуката, а кој го прима укорот ќе дојде до чест.
19 Слатка и е на душата исполнетата желба, а на безумниците им е омразено да се отстрануваат од злото.
20 Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош.
21 Злото ги гони грешниците, а доброто е награда на праведните.
22 Добриот човек го остава наследството на своите внуци, а богатството на грешникот се чува за праведникот.
23 Изобилно храна има на нивата на сиромасите, а има и кој пропаѓа од неправеден суд.
24 Кој ја штеди прачката, го мрази својот син, а кој го љуби, го казнува на време.
25 Праведикот има јадење до ситка, а стомакот на нечесните ја познава скудноста.