1 Човекот смислува во срцето, а од Господа е што ќе одговори јазикот.
2 На човекот сите негови патишта му изгледаат чисти, а Господ ги испитува духовите.
3 Препушти му ги на Господа своите дела, и твоите намери ќе се сигурни.
4 Господ создаде сè за сопствена цел, па и нечесниот за денот на злото.
5 Омразен Му е на Господа секој со гордо срце, таков навистина не останува без казна.
6 Со милост и вистина се очистува неправдата, и со стравот од Господа се отстранува злото.
7 Кога на Господа Му се мили човековите патишта и неговите непријатели ги помирува со него.
8 Подобро е малку со правда, отколку големи приходи со неправда.
9 Човековото срце го смислува својот пат, но Господ ги управува неговите чекори.
10 Вдахновена одлука е во усните на царот: неговата уста нема да згреши во пресудата.
11 Чесните ваги и премерувањата Му припаѓаат на Господа; сите тегови во торбите се Негово дело.
12 Омразено им е на царевите да се врши беззаконие, зашто престолот се уцврстува со правда.
13 Пријатни им се на царевите праведни усни, и тие го љубат оној кој зборува вистина.
14 Царевиот гнев е вестител на смртта, но мудриот човек го ублажува.
15 Во ведрото лице на царот е живот, и неговата милост е како облак со пролетен дожд.
16 Пополезно е да се стекне мудрост, отколку злато, и придобивањето на разум е поскапоцено, отколку среброто.
17 Патот на праведните е: да се отстрануваат од злото, и кој внимава на својот пат, го чува својот живот.
18 Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето.
19 Подобро е да се биде кроток со понизните, отколку да се дели плен со горделивите.
20 Кој внимава на зборот, наоѓа добро, и кој се надева на Господа, блажен е.
21 Мудриот во срцето се наречува разумен, и слаткото зборување го зголемува знаењето.
22 Разумот е извор на живот на оние што го имаат, а на безумните им е казна нивната глупост.
23 Срцето на мудрецот ја вразумува неговата уста; му го умножува знаењето на усните.
24 Љубезните зборови се мед во саќи, сладост на душата и лек на коските.
25 Некој пат му се чини прав на човекот, а на крајот води кон смртта.
26 Гладот на трудбеникот работи за него, зашто го тера неговата уста.
27 Никаквецот приготвува само зло и во усните му е пламенен оган.
28 Лукавиот човек сее раздор, и клеветникот ги разделува најверните пријателите.
29 Насилникот го заведува својот ближен и го наведува на лош пат.
30 Кој намигнува со очите, смислува опакост, а кој ги стиска усните, веќе смислил пакост.
31 Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата.
32 Кој е долготрпелив подобар е од јунакот, и кој владее со себе, подобар е од освојувачот на град.
33 Во пазувата се фрла жрепката, но од Господа е секоја одлука.