1 Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ги запазиш моите заповеди во себе,
2 и со своето уво ја послушаш мудроста и го обратиш своето срце кон разумот;
3 да, ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста;
4 ако го бараш како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште -
5 тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога.
6 Зашто Господ дава мудрост, од Неговата уста доаѓа знаењето и разумот.
7 Тој им ја укажува Својата помош на праведните, штит им е на оние што одат непорочно.
8 Зашто Тој ги штити патиштата на правдата и го чува патот на Своите свети.
9 Тогаш ќе ги сфатиш: правдата, правосудството и верноста, а и секој добар пат.
10 Зашто мудроста ќе влезе во твоето срце и знаењето ќе ја зарадува твојата душа.
11 Расудувањето ќе те пази тебе и разумноста ќе те чува:
12 За да те избави од лош пат, од измамлив човек,
13 од оние што ги оставаат патеките на чесноста, па одат по мрачни патишта;
14 кои се веселат правејќи зло и ликуваат во изопаченоста на лошото;
15 чии патеки се криви, и кои се опаки на своите патишта.
16 За да те избави од прељубница и од туѓинка, што ласка со зборови,
17 која го остава пријателот на својата младост и го заборава заветот на својот Бог.
18 Зашто куќата и тоне во смрт, и нејзините патишта водат кон мртвите,
19 кој влегува при неа, не се враќа никогаш, и не ги наоѓа повеќе патиштата на животот.
20 Затоа, оди по патот на добрите и држи се за патеките на праведниците!
21 Зашто само праведните ќе ја населат земјата и непорочните ќе останат на неа;
22 а беззакониците ќе бидат збришани од земјата, и богохулниците ќе бидат искоренети од неа.