Изреки 21 MKB

1 Царевото срце е во рацете на Господа, како вода што тече; го води каде што сака.

2 Секој пат е праведен за човекот во сопствените очи, а Господ го испитува срцето.

3 Да се извршува правда и да се прави право помило Му е на Господа, отколку жртва.

4 Издигнати очи и горделиво срце и светилка на нечесните, тоа е грев.

5 Замислите на трудољубивиот се стремат кон изобилство, а избувливиот трпи сиромаштво.

6 Сокровиште придобиено со лажлив јазик е непостојана суета на оние кои бараат смрт.

7 Нечесните ќе ги одвлече нивното насилство, зашто не сакаат да прават правда.

8 Сплеткан е патот на грешникот, а делото на чистиот човек е право.

9 Подобро е да се живее под работ на покривот, отколку во заедничка куќа со препирлива жена.

10 Душата на нечесниот го сака злото; во него нема сомилост ни за ближниот.

11 Кога се казнува потсмевачот, простиот станува мудар, а мудрите црпат знаење од поуката.

12 Праведниот Бог го набљудува домот на нечесните, и нечесните ги фрла во несреќа.

13 Кој го затнува своето уво пред викањето на сиромавиот, и самиот ќе вика, но никој не ќе го послуша.

14 Тајниот подарок ја стивнува лутината, а подарокот, под рака, и жестоката јарост.

15 Праведниот суд е радост за праведникот, а ужас за злосторниците.

16 Човек кој свртува од патот на разумот, ќе почива во собранието на мртвите.

17 Кој ја љуби веселбата, станува сиромав, и кој ги сака виното и мирисливото масло, не се збогатува.

18 Нечесниот човек е откуп за праведникот, и безбожникот стапува на местото на праведникот.

19 Подобро е да се живее во пустина, отколку со расправлива и гневлива жена.

20 Драгоцено е благото и маслото во станот на мудриот, а безумниот човек ги растура.

21 Кој се стреми кон правдата и милоста, наоѓа живот, правда и чест.

22 Мудрецот го совладува градот на силните, и ја крши силата на која се надеваат.

23 Кој ги чува својата уста и јазикот, самиот се чува од неволја.

24 На дрскиот и гордиот името му е „потсмевач”, тој работи сè со прекумерна дрскост.

25 Мрзливиот го убива неговата желба, зашто неговите раце одбиваат да работат.

26 Нечесниот по цел ден лакоми, а праведникот дава и не штеди.

27 Омразена е жртвата на нечесните, особено кога се принесува со лукавство.

28 Лажливиот сведок пропаѓа, а човек кој слуша, ќе говори секогаш.

29 Нечесните покажуваат дрско лице, а чесниот внимава на својот пат.

30 Нема мудрост, и нема разум, и нема совет, против Господа.

31 Коњот се подготвува за денот на бојот, но победата е од Господа.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31