Изреки 26 MKB

1 Како снег лете или дожд во жетва, така не му прилега честа на безумниот.

2 Како врапчето кога ќе избега и ластовичката кога ќе одлета, така и проклетството, без причина, не се исполнува.

3 Камшик за коњот, узда за ослето, а прачка за плеќите на безумникот.

4 Не одговорувај му на безумниот, според неговата глупост, за да не станеш и самиот еднаков со него;

5 одговори му на безумниот според неговата глупост, за да не се направи сам себеси мудар.

6 Си ги пресечува нозете и пие горчило, кој испраќа порака по безумен.

7 Како што се трепетливите нозе на хромиот, таква е мудрата изрека во устата на безумниот.

8 Како оној што врзува скапоцен камен за прачка, таков е оној кој му искажува чест на безумникот.

9 Како што е трнливата гранка во рацете на пијаницата, таква е мудрата поука во устата на безумниот.

10 Стрелец кој ги ранува сите минувачи: таков е оној кој го главува безумниот.

11 Безумникот се враќа на својата глупост, како што кучето се враќа на својата блувотина.

12 Виде ли човек кој сам себе се прави мудар, знај, и од безумниот има повеќе надеж, отколку од него!

13 Ленивиот вели: „Ѕвер има на патот и лав има по улиците”.

14 Како што вратата се врти на своите стожери, така и мрзливиот на својата постела.

15 Мрзливиот ја натопува раката во чинијата, ама не може да ја принесе до устата.

16 Мрзливиот самиот се прави помудар од седуммина, кои одговараат умно.

17 Пес фаќа за уши кој при поминувањето, се замешува во препирка, што не го засега него.

18 Како безумниот кој фрла гламни, стрели и сее смрт,

19 таков е човекот кој го измамува својот ближен и вели: „Само се шегував”.

20 Кога ќе ги снема дрвата, огнот гасне, и каде веќе нема клеветник, препирките стивнуваат.

21 Јагленот е за жар и дрвата за оган, а препирачот, за да распалува препирка.

22 Клеветниковите зборови се како слатки залаци, се спуштаат до дното на утробата.

23 Ласкави усни со нечесно срце, се како сребрена глеѓ на глинен сад.

24 Мразачот дволичи со своите усни, а во себе носи измама;

25 не му верувај кога зборува со љубезен глас, зашто има седум мерзости во срцето;

26 иако со дволичност ја прикрива омразата, неговата нечесност ќе биде откриена на собранието.

27 Кој копа јама, сам паѓа во неа, и кој тркала камен, врз него ќе се навали.

28 Лажливиот јазик ги мрази своите жртви, ласкавата уста приготвува пропаст.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31