Изреки 23 MKB

1 Кога ќе седнеш да јадеш со началник, внимавај добро што е пред тебе;

2 стави си нож под грлото ако си ненаситник.

3 Не посакувај ги неговите слатки јадења, зашто се измамливи гозби.

4 Не труди се да придобиеш богатство, откажи се од таквата мисла;

5 насочиш ли ги очите кон него, него веќе го нема, зашто си направило крилја како орел и летнало кон небото.

6 Не јади јадења на завидливиот, не копнеј по неговите слатки јадења,

7 зашто тој е таков како што мисли во себеси: „Јади и пиј”, ти вели, но неговото срце не е со тебе.

8 Залокот што си го изел, ќе го повратиш, напразно ќе ги изгубиш своите љубезни зборови.

9 Не зборувај пред безумник, зашто ги презира твоите умни зборови.

10 Не преместувај ги старите меѓи и не навлегувај во нивата на сираците,

11 зашто е моќен нивниот Заштитник, ќе го брани нивното право против тебе.

12 Сврти го своето срце кон поуката и своето уво кон мудри зборови.

13 Не лишавај му ја на детето опомената, зашто, ако го удриш со прачка, нема да умре;

14 го биеш со прачка, ама му ја избавуваш душата од пеколот.

15 Сине мој, кога ти е срцето мудро и јас се радувам од срце;

16 и ќе воскликнува сета моја внатрешност, кога твоите усни зборувааат што е право.

17 Нека твоето срце не им завиди на грешниците, туку нека секогаш ти биде во страв од Господа;

18 зашто ќе имаш иднина, и твојата надеж нема да пропадне.

19 Слушај, сине мој, и биди мудар и води го твоето срце по рамен пат.

20 Не дружи се со винопијачите, ниту со месојадачите,

21 зашто пијаницата и изедникот осиромашуваат, и дремливиот се облекува во партали.

22 Слушај го својот татко, својот родител, и не презирај ја мајката кога ќе остари.

23 Купувај вистина и не ја продавај, придобивај мудрост, поука и разум.

24 Многу ќе се радува таткото на праведникот, и кој раѓа мудар син ќе има милина во него.

25 Нека се веселат татко ти и мајка ти, и нека се радува твојата родителка.

26 Сине мој, дај ми го своето срце и нека твоите очи внимаваат на моите патишта,

27 зашто блудницата е длабока јама, и туѓинката тесен кладенец.

28 Таа дебне во заседа како крадец и го зголемува бројот на безбожниците меѓу луѓето.

29 Кому ах? Кому: леле? Кому: препирки? Кому: воздишки? Кому: рани за ништо? Кому: заматени очи?

30 На оние што седат доцна покрај виното, што дошле да го испитуваат зачинетото вино.

31 Не гледај на виното кога се црвенее, кога се прелева светливо во чашата: се пие така глатко,

32 а на крај каснува како змија и жилосува како змија лутица.

33 Твоите очи ќе гледаат туѓи жени и срцето ќе зборува развратно.

34 И ти ќе бидеш како да лежиш среде морето или како да седиш на врвот на јарбол.

35 „Ме избија, ама не ме заболе, ме претепаа, ама не почувствував; кога ќе отрезнам, уште ќе барам.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31