1 Не завиди им на нечесните луѓе, ниту посакувај да бидеш со нив,
2 зашто нивното срце смислува насилство и усните зборуваат за зло.
3 Со мудрост се гради куќа, и со разумност се утврдува,
4 и преку знаење се полнат собите со секакви благопријатни и скапоцени богатства.
5 Мудриот човек се зацврстува, и човек со знаење расте во сила.
6 Зашто со размислување се оди во војна, и победата е од многу советници.
7 За безумниот мудроста е превисока, затоа на судот не ја отвора својата уста!
8 Кој смислува зло, се вика подмолен сплеткар.
9 Мислата на безумникот е грев, и потсмевачот им е омразен на луѓето.
10 Ако покажеш малодушност во ден на беда, твојата сила е мала.
11 Избави ги оние кои ги влечат во смрт, и спасувај ги оние што одат на губилиште.
12 Ако речеш: „Не знаевме за тоа, не разбира ли Оној, кој ги испитува срцата? И не знае ли Оној, Кој ти ја чува душата? И не плаќа ли Тој секому според неговите дела?
13 Јади мед, сине мој, зашто е пријатен, и саќите се слатки на твоето грло,
14 така е знај, и мудроста за твојата душа: ако ја најдеш, ја најде иднината, и твојата надеж нема да пропадне.
15 Не поставувај нечеснику, заседа на праведниковото живеалиште; не прави насилство на неговото мирно престојувалиште;
16 зашто, ако праведникот падне и седумпати, тој станува, а нечесните пропаѓаат во несреќа.
17 Не се радувај кога ќе падне твојот непријател, и не воскликнувај со срцето кога ќе се подлизне,
18 за да не види Господ и за да не го земе тоа за зло, па да го сврти Својот гнев од него кон тебе.
19 Не се гневи заради злочинците, не им завиди на нечестивите,
20 зашто лошиот човек нема иднина, светилката на нечесните гасне.
21 Бој се од Господа, сине мој, и од царот: и не се дружи со променливи луѓе,
22 зашто одненадеж доаѓа нивната погибел; и кој знае кога бедата ќе дојде од обата?
23 И ова е од мудреците: Не чини да се биде пристрасен на суд.
24 Кој му вели на нечесниот: „Праведен си!” Ќе го проколнуваат народите и ќе го мразат племињата;
25 а оние што го укоруваат, ќе бидат возљубени и врз нив ќе дојде благословот.
26 Кој одговара чесно, љуби во уста.
27 Сврши ја својата работа надвор и приготви ја својата нива, потоа изгради ја и својата куќа.
28 Не сведочи лажно против својот ближен; зар ќе мамиш со своите усни?
29 Не зборувај: „Како што тој ми направи мене, така ќе му направам и јас нему; ќе му платам на тој човек според неговото дело!”
30 Поминував покрај нивата на некој мрзливец, и покрај лозјето на некој безумник;
31 и ете, сè беше зарастено во коприви, трњето ја покриле површината, и камената ограда беше разурната.
32 Го видов тоа и го запазив во срцето, разгледав и зедов поука:
33 „Уште малку поспи, уште малку подреми, уште малку свиткај ги рацете за починка,
34 и ќе дојде твоето сиромаштво како скитник, и немаштијата како вооруженик!”