Изреки 19 MKB

1 Подобар е сиромавиот кој живее во непорочност, отколку човек со нечесни усни и при тоа и безумен.

2 Ревносна душа без разумност не е добра, и кој оди брзо, се сопнува.

3 Безумието го расипува животот на човекот, а срцето му се лути на Господа!

4 Богатството прибавува многу пријатели, а бедниот го остава и неговиот пријател.

5 Лажливиот сведок не останува без казна, и кој шири лаги, нема да избега.

6 Мнозина му ласкат на лицето на дародавецот, и секој му е пријател на дарежлив човек.

7 Бедниот го мразат сите негови браќа, уште повеќе се оддалечуваат од него, неговите пријатели. Тој копнее за добри зборови, но не ги наоѓа.

8 Кој стекнува разумност, си ја сака душата, а кој го чува разумот, наоѓа среќа.

9 Лажливиот сведок не останува без казна, и кој шири лаги, ќе пропадне.

10 Не му прилега на безумен да живее раскошно, уште помалку на слуга да владее над кнезовите.

11 Благоразумието го запира човекот од гнев, и чест му е да ја прости грешката.

12 Гневот на царот е како рикање на лав, а неговата благонаклонетост како роса на трева.

13 Безумниот син е несреќа за својот татко, и женините препирки се постојано прокиснување.

14 Куќата и богатството се наследуваат од татковците, а благоразумната жена е од Господа.

15 Мрзливоста навлекува врз човекот длабок сон, и неработливата душа гладува.

16 Кој се придржува до заповедта, го чува својот живот, а кој не внимава на своите патишта умира.

17 На Господ му позајмува кој е милостив кон бедниот, и Тој ќе му го плати добротворството.

18 Казнувај го својот син додека има надеж, и не се возбудувај од неговото викање.

19 Кој е јаростен, ќе биде казнет, ако сакаш да му помогнеш ќе направиш полошо.

20 Слушај совет и примај поука, за да станеш мудар во твоите последни денови.

21 Има многу замисли во човековото срце, но што ќе науми Господ, тоа и ќе биде.

22 Чест за човекот е неговото добротворство, и сиромавиот е подобар од лажливецот.

23 Стравот од Господа дава живот, и кој ќе се исполни со него, злото не го посетува.

24 Мрзливецот ја макнува раката во чинијата, но не ја принесува до својата уста.

25 Ако го удриш потсмевнувачот, и простиот ќе се изитри. Ако го изобличиш разумниот, тој ќе го сфати знаењето.

26 Срамен и расипан син е оној, кој го запустува таткото и ја истерува мајката.

27 Престани, сине мој, да ги слушаш поуките што одведуваат од зборовите на сознанието.

28 Нечесниот сведок и се потсмевнува на правдата, и устата на нечесниот ја голта неправдата.

29 Подготвени се казните за потсмевнувачите, и ударите за плеќите на безумните.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31