Изреки 5 MKB

1 Сине мој, чуј ја мојата мудрост, наведни го своето уво кон мојата разумност,

2 за да ја запазиш расудливоста, и твоите усни да го задржат знаењето.

3 Зашто од усните на туѓа жена капе мед, и непцето и е помазно од масло,

4 но таа најпосле е горчлива како пелин, остра како меч со две острици.

5 Нејзините нозе слегуваат кон смртта, а чекорите и водат кон Подземјето.

6 Таа не оди по патот на животот, патеките и се колебливи и таа не знае на каде водат.

7 Затоа, сега послушај ме сине, и не отстапувај од зборовите на мојата уста.

8 Твојот пат нека е далеку од неа, и не се приближувај до вратата на нејзината куќа,

9 да не го дадеш цветот на својата младост и своите години на немилостивите;

10 да не се наситат туѓинци од твојот имот, и твојот труд да не отиде во туѓа куќа;

11 да не ридаш на крајот кога ќе бидат истрошени телото и снагата,

12 и да не речеш: „Ох како ја мразев поуката, и како моето срце го презираше укорот!

13 И не го слушав гласот на своите учители, ниту го приклонив увото кон оние што ме поучуваа.

14 И за малку не западнав во секакво зло, среде собирот и заедницата!”

15 Пиј вода од својот извор и онаа што извира од твојот кладенец.

16 Зар надвор да се разлеваат твоите извори и водните потоци да течат по улиците?

17 Нека бидат тие само твои, а не и на туѓинците кои се покрај тебе.

18 Нека е благословен твојот извор, и радувај се со жената на својата младост,

19 нека ти е како мила срна и љубезлива кошута; нека те напојуваат нејзините гради во секое време, и нејзината љубов те восхитува непрекратно!

20 Па зошто сине мој би се занесувал по туѓа жена и би ги прегрнувал градите на туѓинката?

21 Зашто пред Господовите очи се човековите патишта, и тој ги набљудува сите негови патеки.

22 Нечесниот ќе биде фатен од сопственото беззаконие и ќе го држат јажињата на неговите гревови.

23 Ќе умре зашто нема поука, ќе пропадне заради своето големо безумие.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31