1 Сине мој, кога емчиш за својот ближен, и ја дадеш својата рака на друг,
2 си се врзал со сопствените усни, си се врзал со зборовите на својата уста.
3 Направи го тогаш ова сине мој, ослободи се! Зашто си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред него и моли го својот ближен.
4 Не давај им сон на своите очи ни дремка на своите клепки.
5 Истргај се како газела од раката на ловецот и како птица од рацете на птичарот.
6 Оди при мравката, о мрзливецу набљудувај ги нејзините патишта и биди мудар:
7 Таа нема водич, надзорник ни настојник,
8 се грижи за храната лете и прибира јадење во време на жетвата.
9 А ти, мрзливецу, до кога ќе спиеш? Кога ќе се разбудиш од својот сон?
10 Уште малку поспиј, уште малку подреми, уште малку свиткај ги рацете за одмор,
11 и ќе дојде твоето сиромаштво како скитник, и твојата скудност како вооруженик.
12 Лукавиот човек, нечесниот човек, оди со лажлива уста,
13 намигнува со очите, тропа со нозете, покажува со прстите;
14 измамите му се во срцето, сонува зло во секое време, сее раздори.
15 Затоа пропаста ќе му дојде одненадеж, и во миг ќе се скрши и нема да му има лек.
16 Шест нешта мрази Господ, а седум се гнасни на Неговата душа:
17 Горделиви очи, лажлив јазик, раце што пролеваат невина крв,
18 срце што замислува грешни мисли, нозе што итаат на зло,
19 лажен сведок, кој шири лага, и човек кој сее раздори меѓу браќата.
20 Сине мој, пази ги заповедите на својот татко и не отфрлај ја науката на својата мајка.
21 Врзи ги за своето срце засекогаш, завиткај ги околу своето грло;
22 за да те водат кога одиш, да те чуваат кога спиеш, и да разговараат со тебе кога ќе се разбудиш.
23 Зашто заповедта е светилник, законот е светлина, опомените на изобличувањата се пат кон животот;
24 за да те чуваат од зла жена, од ласкавиот јазик на туѓинката.
25 Не посакувај ја во своето срце нејзината убавина, и не оставај да те освои со своите клепки,
26 зашто поради блудница човек се понижува и за парче леб, додека прељубницата лови скапоцен живот.
27 Може ли некој да носи оган во пазувите, а да не му се запали облеката?
28 Може ли некој да оди по вжарени јаглени, а да не си ги изгори своите нозе?
29 Така биднува со оној кој оди при жената на својот ближен: Не ќе остане без казна оној што ќе се допре до неа.
30 Не го срамат ли крадецот, па иако крадел за да го смири гладот:
31 Фатен, тој враќа седмократно и плаќа со сиот имот на својата куќа.
32 И така, неразумен е оној, кој се впушта со прељубница, својата душа ја губи кој прави така.
33 Ќе дојде посрамување и срам, и неговиот срам не се брише никогаш.
34 Зашто бесна е љубоморноста во мажот: тој не знае за милост во одмаздничкиот ден;
35 не се согласува на никаков откуп, и не прима дарови, колку и да му дадеш.