1 Ќе изникне фиданка од Јесеевите пенушки; стебло ќе никне од нејзиниот корен.
2 Господовиот Дух ќе почива на него, дух на мудроста и на разум, дух на совет и на сила, дух на знаење и на страв, Господен.
3 Господовиот страв ќе го вдахне, не ќе суди според виденото, ни ќе пресудува според чуеното,
4 туку ќе им суди по правда на бедните, и прав суд ќе им изречува на бедните на земјата. Со бичот на Своето слово ќе го шибне силникот, а со здивот од устата ќе го убие безбожникот.
5 Тој со правда ќе ги препаше бедрата, а со верност страните.
6 Волкот ќе живее со јагнето, рисот ќе лежи со јарето, телето и лавчето ќе пасат заедно, а мало детенце ќе ги води.
7 Кравата и мечката ќе пасат заедно, а нивните млади ќе лежат заедно, лавот ќе јаде слама како говедо.
8 Доилче ќе си игра над дупката на змијата, цицалчето ќе ја вовлекува раката во змииното легло.
9 Не ќе се прави повеќе зло, не ќе се опустува на сета Моја света гора: земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода.
10 Во оној ден: Јесеевиот корен, ќе биде издигнат како знаме на народите, луѓето ќе го бараат Него. И Неговото престојување ќе биде славно.”
11 Во оној ден: Господ ќе ја испружи раката повторно за да го откупи Остатокот на Својот народ, оние што ќе останат од Асирија и од Египет, од Патрос, од Етиопија и од Елам, од Сенар, од Емат и од морските острови.
12 Ќе им издигне знаме на народите, ќе им ги собере на Израел заробениците и ќе им ги собере на Јуда распрснатите, од сите четири краишта на земјата.
13 Ќе ја снема Ефремовата љубомора, ќе бидат истребени Јудините непријатели; Ефрем нема веќе да му завидува на Јуда, а Јуда не ќе му биде непријател на Ефрема.
14 Ќе им седнат на вратот на Филистејците на запад, заедно ќе ги пленуваат синовите на исток; својата рака ќе ја испружат на Едом и Моав, Амоновите синови ќе им бидат покорни.
15 Господ ќе го исуши заливот на Египетското Море, ќе замавне со раката против Еуфрат; со силата на ветерот ќе го разбие на седум потоци, за да може да се преминува во обувки:
16 и ќе му биде пат на Остатокот на Неговиот народ, кој ќе остане жив од Асирија, како што им беше на Израелците кога излегоа од Египетската Земја.