1 Ете, Господ, Господ над Воинствата, им ги одзема на Ерусалим и Јудеја секоја поткрепа, помош во леб и помош во вода,
2 јунакот и војникот, судијата и пророкот, вражалецот и старешината, педесетникот и чесниот,
3 советникот и мудриот уметник и оној што се занимава со баење.
4 „А за главатари им поставувам деца, им давам на дечињата да владеат над нив.”
5 Луѓето ќе бидат угнетувани, човек од човек и секој од својот ближен; детето ќе се големее над старецот, простиот над чесниот,
6 па секој ќе го фаќа брата си во татковата куќа: „Ти имаш облека, биди ни главатар, и тие урнатини нека бидат под твоја рака!”
7 А тој ќе се брани, во оној ден: „Не сакам да бидам водач, нема кај мене ни леб ни облекло: не ме поставајте за кнез на народот.”
8 Ерусалим се разурна и Јудеја падна зашто нивниот јазик и нивните дела Му се противат на Господа, па му се бунтуваа на погледот на Неговата Слава.
9 Нивното лице сведочи против нив, го разгласуваат својот грев како Содом и не го кријат, тешко им ним, сами си спремаат пропаст.
10 Кажете: „Блазе му на праведникот, ќе се храни со плодот на своите дела!
11 Тешко му на нечесниот, ќе му биде зло, на него ќе паднат делата на неговите раце.
12 Дете го угнетува Мојот народ, и жените владеат со него. О народе мој, твоите владетели те заведуваат и го раскопуваат патот по кој одиш.”
13 Господ стана да се суди со Својот народ,
14 Господ доаѓа на суд со старешините и главатарите на Својот народ: „Го опустивте Моето лозје, во вашите куќи е што му одзедовте на сиромавиот.
15 Со кое право го угнетувате Мојот народ и го газите лицето на бедниот?” - Зборува Господ, Господ над Војските.
16 И Господ рече: „Зошто се гордеат сионските ќерки па одат со испружени вратови, намигнуваат наоколу со окото, чекорат со ситни чекори, ѕвецкаат со гривните на нозете?
17 Ќе го оќелави Господ темето на сионските ќерки, ќе ја открие Господ нивната голота.”
18 Во оној ден Господ ќе одземе сè со што се гордее таа: веришките на нозете, мрежите за коса и месечинките,
19 наушниците, нараквиците и превезите, главоврските, појасите, малите садови со мириси и приврските,
20 прстените и обетките за носот,
21 скапоцените облеки и плаштениците, приврските и торбичките,
22 огледалата и кошулчињата, преврските за глава и наметките.
23 Место благомириси, смрдеж; место појаси, јаже; место кадрави коси, ќелавост; место раскошна облека, вреќиште; место убавина, гнилеж.
24 Твоите мажи ќе паднат од меч, твоите јунаци во војна.
25 Твојата врата ќе кука и ќе тажи, ќе седиш напуштена на земјата.