1 „Чујте ме, острови, слушајте внимателно, далечни народи! Господ ме повика од мајчиното крило, уште од утробата на мојата мајка го спомна моето име.
2 Од мојата уста направи остар меч, ме скри во сенката на Својата рака, од мене направи остра стрела, ме засолна во Својот тул.
3 Ми рече: ‘Ти си Мој слуга, Израеле, во кого ќе се прославам!’
4 А јас реков: ‘Напразно се измачував, за ништо ја напрегнував силата. Сепак, моето право е во Господа, мојата награда е кај мојот Бог.’”
5 „А сега зборува Господ, кој уште од утробата ме направи Свој Слуга, за да му го вратам назад Јакова, за да се собере Израел. Се прославив во Господовите очи, мојот Бог ми беше сила.
6 И ми рече: ‘Премалку е да Ми бидеш слуга, за да ги подигнеш Јакововите племиња и за да го вратиш Израелевиот Остаток, но ќе те поставам за светлина на народите, за да го донесеш Моето спасение до крајот на земјата.’”
7 Вака зборува Господ, Израелевиот Искупител, неговиот Светец, на оној кого го презираат и го отфрлаат народите, на силниот слуга: „Кога ќе видат, ќе се кренат царевите, ќе се фрлат ничкум кнезовите, заради Господа, Кој ја покажа Својата верност, Израелевиот Светец, Кој те избра.”
8 Господ зборува вака: „Во времето на милоста Јас ќе те послушам, во денот на спасението Јас ќе ти помогнам. Те создадов и те поставив за Завет на народот, за да ја востановам земјата, за да го разделам наново запустеното наследство,
9 за да им кажам на заслужените: ‘Излезете!’ а на оние кои се во темнина: ‘Јавете се!’ Тие ќе пасат вдолж на сите патишта и пасиштата ќе им бидат по сите голи височини.
10 Веќе нема да гладуваат и да жеднеат, не ќе ги мачат жегата ни сонцето, зашто ќе ги води Оној, Кој им се смилува, ќе ги доведе при водните извори.
11 Сите Свои планини ќе ги претвори во патишта и сите Мои патишта ќе се издигнат.
12 Ете, едни доаѓаат од далеку, други од север и од запад, а некои од Синимската Земја.”
13 Воскликнувајте, небеса, весели се земјо, подвикнувајте од веселба планини; зашто Господ го теши Својот народ, Тој им е милостив на страдалниците.
14 Сион рече: „Господ ме остави, Господ ме заборави.”
15 Може ли жена да го заборави своето доенче, да не му се смилува на чедото на својата утроба? Па кога некоја и би заборавила, Јас нема да те заборавам тебе.
16 Ете, те врезав во Своите дланки, твоите ѕидови секогаш Ми се пред очите.
17 Твоите обновувачи итаат, твоите разурнувачи и запустувачи си одат од тебе.
18 Обѕрни се околу себе и погледај: сите се собираат и доаѓаат кон тебе. Жив Сум - слово е Господово - со сите нив ќе се облечеш како со накит, и ќе се украсиш со нив како невеста!
19 Да, твоите урнатини, твоите запустености и твојата запустена земја ќе бидат претесни за твоите жители, кога ќе се оддалечат оние што ја уништуваа.
20 Пак ќе ти речат во твоите уши синовите, од кои беше лишена: ‘Претесно ми е ова место, мрдни се за да можам да се сместам.’
21 И ти ќе се запрашаш во своето срце: ‘Кој ми ги роди сите овие? Бев без деца, неплодна, протерана и отфрлена, па кој ги гледаше? Ете, бев останата сама, а тие каде беа?’”
22 Господ, Господ зборува вака: „Еве, ви давам знак со рака на народите и го кревам Своето знаме пред племињата. Ќе ти ги вратам синовите во прегратка, ќе ти ги носам ќерките на плеќи.
23 Царевите ќе бидат твои хранители, а нивните царици твои доилки. Ќе ти се клањат со лицето до земја, и ќе лижат прав од твоите нозе. И ќе знаат дека Јас Сум Господ: кои се надеваат во Мене, не ќе се засрамат.”
24 Може ли да му биде одземен пленот на јунак? Може ли да му избега заробениот на победникот?
25 Да, Господ зборува вака; „На јунакот ќе му биде одземен пленот, заробениот ќе му избега на победникот! Со оние што се спорат со тебе, Јас ќе се спорам, Јас ќе ги избавам твоите деца;
26 на твоите угнетувачи ќе им го дадам за јадење нивното месо, и ќе се испијанат со својата крв како со ново вино. И секое тело ќе знае дека Јас Сум Господ, твој Спасител, и дека Твојот Откупител е Моќниот Јаковов.”