Исаија 23 MKB

1 Пророштво за Тир: Ридајте, тарсиски бродови, зашто е разурната вашата тврдина! Соопштено им е додека се враќаа од Китимската Земја.

2 Молкнете, жители на приморјето, сидонски трговци, чии гласници бродеа по морето по голема вода.

3 Сеидба на Нил, жетва на Реката, беа негово богатство. Тој им беше пазар на народите.

4 Срами се, Сидоне, зашто морето зборува: „Не ме фаќаат породилни болки, ниту раѓам, ниту хранам момчиња, ниту одгледувам девојки.”

5 Египетците ќе се растреперат кога ќе ги чујат вестите за Тир.

6 Отпловете во Тарсис, ридајте, жители на приморјето.

7 Дали е тоа вашиот весел град, што постои од дамни времиња и што нозете го носеа далеку за да се насели таму?

8 Кој го одлучи тоа против свечениот Тир, чии трговци беа кнезови, а прекупувачите првенци на земјата?

9 Господ над Воинствата одлучи така, за да ја засрами горделивата слава, за да ги понижи сите прочуени на земјата.

10 Обработувај ја земјата, тарсиска ќерко, го нема веќе твоето пристаниште!

11 Господ ја крена Својата рака на морето и ги растресе царствата. Господ заповеда да се разурнат ханаанските тврдини.

12 Рече: „Не ќе воскликнуваш веќе, засрамена девице, сидонска ќерко!” Стани и замини во Китим; ни таму не ќе имаш мир.

13 Еве ја Халдејската Земја. Тој народ не пстоеше; Асирецот им ја утврди земјата. Се издигаат опсадни стражарници, разурнуваат тврдини, сè е урнатина.

14 ”Ридајте, тарсиски бродови, разурната е вашата тврдина!”

15 Ќе се случи, во оној ден, Тир да биде заборавен седумдесет години, како деновите на еден цар. А по седумдесет години на Тир ќе му биде како на блудницата од песната:

16 „Земи ја харфата и скитај низ градот, заборавена блуднице! Свири убаво, пеј многу, за да те спомнат!”

17 По седумдесет години Господ ќе го посети Тир. И градот ќе ја добива пак својата блудничка плата. Ќе блудствува со сите царства на лицето на земјата.

18 Но неговата печалба и плата ќе Му бидат посветени на Господа; не ќе бидат вложени во сокровиште ниту ќе бидат чувани, туку неговата добивка ќе биде за оние кои престојуваат пред Господа, за да имаат храна до наситување и пристојна облека.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66