Исаија 31 MKB

1 Тешко им на оние кои слегуваат во Египет за помош и се надеваат на коњите, па се надеваат на многу коли и на мноштво коњаници, не гледајќи со надеж во Израелевиот Светец, и не барајќи совет од Господа.

2 Но и Тој е мудар, и ќе донесе зло, и не ќе ги одрече Своите закани; Тој ќе стане против злосторничкиот дом и против беззаконичката помош.

3 Египетецот е човек, а не Бог; неговите коњи се тело, а не дух; кога Господ ќе замавне со раката, ќе се сопне помагачот, и ќе падне оној кому му помага - сите заедно ќе пропаднат.

4 Да, вака ми рече Господ: „Како што лавот или лавчето ‘ржи и чкрта со забите над пленот, па и кога ќе стрчаат кон него мноштво пастири, тој не се исплашува од нивната викотница, ниту се грижи за нивната врева - така Господ над Воинствата ќе слезе да војува за гората Сион, за нејзината височина.

5 Како птиците што мавтаат со крилјата, Господ над Воинствата ќе го закрилува Ерусалим, ќе го засолнува, ќе го избави, ќе го поштеди и ќе го спаси.

6 Вратете се при Оној од Кого отпаднавте толку длабоко, синови Израелеви.

7 Да, во оној ден, секој ќе ги презре своите сребрени и златни ликови што со своите раце ги направија за свој грев.

8 „Асирецот не ќе падне од човечки меч; меч ќе го проголта, но не човечки. Ќе бега од меч, и неговите момчиња ќе плаќаат данок.

9 Исплашен, ќе го остави својот рид, заплашени, кнезовите ќе бегаат од своето знаме” - слово е на Господа, чиј оган е на Сион и чија печка е во Ерусалим.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66