Исаија 43 MKB

1 Сега вака зборува Господ, Кој те создаде, Јакове, Кој те створи, Израеле: „Не бој се, зашто Јас те откупив; те повикав по име, ти си Мој!

2 Кога преминуваш преку вода, со тебе Сум; или преку река, нема да те потопи. Ако тргнеш низ оган, не ќе изгориш, пламенот нема да те опали.

3 Зашто Јас Сум Господ, твојот Бог, Израелев Светец, твој Спасител. Го давам Египет за твоја откупнина, ги давам Етиопија и Сева место тебе.

4 Зашто си скапоцен во Моите очи, ценет си, и Јас те возљубив. Затоа и давам луѓе за тебе, и народи за твојот живот.

5 Не бој се, зашто Јас Сум со тебе. Твоето потомство ќе го доведам од исток и ќе те соберам од запад.

6 Ќе му речам на север: ‘Дај ми го!’ а на југ: ‘Не задржувај го!’ Доведи Ми ги синовите од далеку, а Моите ќерки од крајот на земјата,

7 сите кои се наречуваат со Моето Име, и кои ги создадов за Своја Слава, кои ги створив и ги направив.”

8 Изведи го слепиот народ, иако има очи, и глувиот, иако има уши.

9 Нека се соберат сите племиња и нека се приберат сите народи. Кој од нив го прорече тоа и го навести одамна? Нека доведат сведоци за да се оправдаат, нека се чуе дека може да се рече: „Вистина е!”

10 „Зашто вие сте Ми сведоци,” слово е Господово, „и Мои слуги кои ги избрав, за да знаете и верувате и да видите дека тоа Сум Јас. Пред Мене ниеден бог не беше направен и не ќе биде после Мене.

11 Јас, Јас Сум Господ, нема Спасител освен Мене.

12 Јас прореков, спасив и навестив, и нема туѓинец меѓу вас! Вие сте Ми сведоци,” слово е Господово, „а Јас Сум Бог,

13 од вечноста - Јас Сум! И никој не избавува од Мојата рака; што ќе направам, кој може да го измени?”

14 Вака говори Господ, вашиот Искупител, Израелевиот Светец: „Заради вас испратив во Вавилон, ќе ги кутнам лостовите на затворите, и Халдејците ќе почнат да лелекаат.

15 Јас Сум Господ, вашиот Светец, Израелевиот Творец, вашиот Цар!”

16 Вака зборува Господ, кој направи пат по морето и патека по силните води;

17 „Кој ги изведе бојните коли и коњаниците, војската и јунаците, и тие паднаа за да не се кренат веќе, згаснаа, се угаснаа како фитил:

18 „Не спомнувајте си за она што се збидна, не мислете за она што помина.

19 Еве, правам нешто ново; веќе се појавува. Зар не забележувате? Да, ќе направам пат во пустината, и патека во безводна земја.

20 Дивите ѕверови ќе Ме слават, шакалите и ноевите, зашто ќе создадам вода во пустината, реки во степата, за да го напојам Мојот народ, Мојот избраник.

21 И народот што го создадов за себе ќе ја возвестува Мојата слава!

22 Но ти, Јакове, не Ме повика, ниту се измори околу Мене, Израеле!

23 Не Ми принесуваше јагниња за паленици, не Ме почитуваше со жртви. А Јас не те принудував за приноси, не ти здодевав барајќи кадеж.

24 Не Ми купуваше трска за сребреници, не Ме ситеше со салото од своите жртви; туку Ме мачеше со своите гревови, Ми здодеваше со своето беззаконие.

25 А Јас, заради Себе ги бришам твоите престапи, и не си спомнувам за твоите гревови.

26 Потсети Ме, за да се спориме заедно, зборувај Ми за да се оправдаш.

27 Прв згреши твојот татко, твоите посредници се одметнаа од Мене,

28 твоите првенци го онечистија Светилиштето. Тогаш ги предадов: Јакова на проклетство, а Израел на потсмев.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66