Исаија 51 MKB

1 „Послушајте ме, вие кои се стремите кон правдата, кои Го барате Господа; погледајте ја стената од која сте отсечени, и длабоката јама од која сте извадени.

2 Погледајте го својот татко Авраам и Сара, која ве роди! Да, сам беше кога го повикав, но го благословив и го размножив.”

3 Да, Господ се сожали за Сион, се сожали за неговите урнатини. Неговата пустота ќе ја направи како Едем, а степата како Господовата Градина. Воскликнувања и радост ќе одекнуваат низ неа и благодарници и глас на пофална песна.

4 „Слушај ме внимателно, народе Мој, Послушајте ме народи! Зашто Законот доаѓа од Мене и Моето право за светлина на народите.

5 Брзо ќе стигне Мојата правда, Моето спасение ќе дојде како светлина. Мојата мишка ќе им суди на народите. Мене ме чекаат островите и се надеваат во Мојата мишка.

6 Подигнете ги очите кон небото погледајте долу на земјата. Небесата ќе се расплинат како дим, Земјата ќе остарее како облека, ќе и ги снема жителите како комарци. Но Моето спасение ќе трае довека, и Мојата правда не ќе има крај.

7 Послушајте Ме, вие кои ја познавате правдата, народе, во чие срце е Мојот Закон. Не бојте се од човечките хули, не плашете се од навреди!

8 Зашто молецот ќе ги разјаде како облека, црвот ќе ги изеде како волна. Но Мојата правда ќе трае довека, и Моето спасение од род до род.”

9 Разбуди се! Разбуди се! Препаши се со сила, Господова мишко! Разбуди се како во старите денови на дамнешните поколенија. Не си ли ти, што го исече Рав и што го прободе змевот?

10 Не си ли ти што го исуши морето, водата на големата бездна, и што направи пат од морските длабочини, за да поминуваат по него искупените?

11 Ќе се вратат оние кои ги ослободи Господ, и со радосни извици ќе дојдат на Сион. Вечна веселба ќе им биде над главите, ќе ги придружуваат: воскликнувања и радост, ќе ги снема тагата и воздивнувањата.

12 „Јас Сум вашиот Утешител. Кој си ти за да се боиш од смртен човек и од човечки син, кој е како трева?

13 Го заборави Господа, својот Создател, Кој ги распростре небесата и Кој ја основа земјата; непрекратно трепериш, секој ден, од гневот на угнетувачот. Како да се приготвува за да се уништи. Но каде е сега гневот на угнетувачот?

14 Скоро ќе биде слободен заробеникот, нема да умре во јама, ниту ќе му недостига леб.

15 Зашто, Јас Сум Господ, твојот Бог, Кој го раздвижувам морето за да му бучат брановите, Името Ми е Господ над Војските.

16 Своите зборови ги ставив во твојата уста, во сенката на Својата рака те скрив кога ги распрострев небесата, кога ја основав земјата и кога му реков на Сион: ‘Ти си Мој народ!’”

17 Разбуди се, разбуди се, стани Ерусалиме! Ти кој ја пиеше од Господовата рака чашата на Неговиот гнев. Ја испи опојната чаша, ја испразни до дното.

18 Од сите синови што ги роди, немаше ниеден за да го води; од сите синови што ги подигна немаше никој за да го придружи.

19 Овие две те погодија - кој те пожали? - разурнувањето и гибелта, гладот и мечот - кој те утеши?

20 Твоите синови лежат изнемоштени по аглите на сите улици, како антилопа во мрежата, полни со Господовиот гнев, со закана на твојот Бог.

21 Затоа, чуј го ова беднику, пијан, но не од вино.

22 Вака зборува Господ, твојот Господ, твојот Бог, бранителот на твојот народ: „Еве, од твојата рака ја земаш опојната чаша, чашата на Својот гнев: не ќе го пиеш веќе.

23 Ќе ја ставам во рацете на твоите угнетувачи, на оние кои ти зборуваа: ‘Наведни се за да поминеме!’ И ти им ги подметнуваше плеќите како почва, како пат за минувачи.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66