Исаија 42 MKB

1 „Еве Го Мојот Слуга Кого Го поткрепувам, Мојот Избраник, мил на Мојата душа. Го излеав Својот Дух на Него, за да им донесува право на народите.

2 Тој не вика, Тој не го крева гласот, ниту може да се чуе по улиците.

3 Тој не ја крши напукнатата трска ниту ја гасне светилката што тлее. Верно Тој донесува правда,

4 не постанува и не се истоштува, додека не воспостави правда на земјата. Островите копнеат по Неговата наука.”

5 Вака зборува Господ, Бог, Кој ги создаде и ги оптегна небесата, Кој ја распростре земјата и нејзините растенија, Кој им дава здив на народите на неа, и здив на суштествата што одат по неа.

6 „Јас, Господ, те повикав во правда, те зедов цврсто за рака; те вообличив и те поставив за Завет на народот и за светлина на племињата,

7 за да им ги отвориш очите на слепите, за да ги извадиш затворениците од темницата, од темнината оние што живеат во мрак.

8 Јас, Господ Ми е Име, не му ја давам Мојата Слава на друг, ниту Својата чест на киповите.

9 Што прореков порано, ете, се збидна, и нови настани Јас навестувам, и пред да се покажат, ви ги јавувам вам.”

10 Пејте Му на Господа нова песна и Негова фалба од крајот на земјата, нека Го слави морето со сè што е во него, островите и нивните жители!

11 Нека кренат глас пустината и нејзините градови, нека извикаат населбите каде што живеат Кидарците! Нека подвикнуваат жителите на Стената, нека воскликнуваат од горските врвови!

12 Нека Му даваат слава на Господа и нека му ја возвестуваат фалбата по островите!

13 Господ излегува како Јунак, како војник ја поттикнува својата жар. Со борбен извик и со воена викотница оди јуначки на Својот непријател.

14 „Молчев долго, бев тивок, се воздржував; сега викам како жена кога раѓа, збивам и воздивнувам.

15 Ќе ги запустам планините и бреговите, ќе го исушам сето зелено во нив, реките ќе ги претворам во степи и ќе ги исушам езерата.

16 Ќе ги водам слепците по патиштата, ќе ги упатам по патеките. Пред нив ќе ја обрнам темнината во светлина, а нерамната почва во рамна. Тоа ќе го направам и нема да ги оставам.

17 Ќе се вратат назад во голем срам оние што се надеваат на идоли, кои им зборуваат на леаните ликови: ‘Вие сте наши богови.’

18 Чујте, глуви! Прогледајте, слепи, да видите!

19 Кој е слеп ако не Мојот слуга, кој е глув како гласникот што го испраќам? Кој е слеп како пријателот, кој е глув како Господовиот слуга?

20 Многу виде, но не се грижеше, ушите ти беа отворени, но не чу!”

21 На Господа Му се свиде заради Неговата праведност да го возвеличи и прослави Законот.

22 А овој народ е опљачкан и ограбен, неговите млади ставени се во клади, фрлени во темници. Ги пленуваат, а никој нема да ги избави; ги заробуваат, а никој нема да рече: „Врати ги!”

23 Кој од вас се грижи за тоа? Кој пази и слуша однапред?

24 Кој му го предаде Јакова на ограбувачот и Израел на присвојувачот? Не е ли Господ, против Кого грешевме, по чии патишта не сакавме да одиме, чиј Закон не сакавме да го слушаме?

25 Затоа ги излеа врз Израел Својот жарок гнев и воените стравотии: пламен го опкружи отсекаде, но тој не го сфати тоа; го изгоре, но тој и тоа не го зеде на срце.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66