Исаија 5 MKB

1 Ќе му ја запеам на својот возљубен, песната на мојот љубен, на неговото лозје: Мојот љубен имаше лозје на плодно ритче.

2 Го ископа, ги исчисти камењата, го засади со благородна лоза. Среде него тој изгради стражарница, и стави пивница во него. Се надеваше дека ќе роди добро грозје, но тоа роди диво грозје.

3 „Сега ерусалимски жители и луѓе Јудејци, пресудете меѓу Мене и Моето лозје.

4 Што можев уште да направам за Своето лозје па што веќе не го направив? Се надевав дека ќе роди добро грозје, а ете, роди кисело грозје?

5 Но, сега ќе ви кажам што ќе направам од Своето лозје: ќе му го отстранам плетот, за да го опустат, ќе го разурнам ѕиданото, за да го изгазат.

6 Ќе го претворам во пустина, ни режано ни ископано, нека зарасте сето во трниште и трње; ќе им забранам на облаците да не леат дожд на него.”

7 Лозјето на Господа над Воинствата е Израелевиот дом; Неговиот избран расад: луѓето Јудејци. Тој чекал правдосудство, а ете крвопролевање; чекал правда, а ете пискот.

8 Тешко ви вам што приближувате куќа до куќа и што составувате нива со нива, додека не го заземете сето место па да станете единствени во земјата.

9 Господ над Војските ми рече во моите уши: „Навистина, многу куќи ќе опустат, големи и убави ќе бидат без жители.

10 Десет рала лозје ќе дадат само бочвенце, а мерка семе ќе даде само меричка.”

11 Тешко им на тие кои стануваат рано наутро, одат по жесток пијалак и седат доцна во ноќта распалени со виното.

12 На гозбите им се: харфи и псалтири, тапанчиња и кавалчиња покрај виното, а не се грижат за Господовото дело, не го гледаат делото на Неговите раце.

13 Затоа Мојот народ ќе биде одведен во ропство, зашто нема разумност, неговите првенци ќе умираат од глад, неговите луѓе ќе горат од жед.

14 Да, Подземјето ќе го отвори своето грло, ќе ја рашири устата неизмерно за да паднат главечки во него неговите првенци и мноштвото, со сета врева и веселба!

15 Смртникот ќе се наведне, човекот ќе се понижи, погледот на силните ќе се сврти надолу.

16 Господ над Воинствата ќе се возвиши во суд, и Светиот Бог ќе ја открие Својата светост во правда.

17 Јагнињата ќе пасат како на пасиштата, а туѓинците ќе јадат по богаташките урнатини.

18 Тешко им на оние кои ја влечат вината врз себе со воловски јажиња и гревот со колски јажиња -

19 на оние што говорат: „Нека поита, нека побрза со Своето дело, за да го видиме, нека се приближи и нека го заврши наумот на Израелевиот Светец, за да знаеме!”

20 Тешко им на оние што злото го наречуваат добро, а доброто зло, кои прават светлина од темнината, а од светлината темнина, што горчливото го прават благо, а благото горчливо!

21 Тешко им на оние кои се мудри во сопствените очи и умни само пред себе!

22 Тешко им на оние кои се силни во виното и јунаци во мешањето на силните пијалаци;

23 и на оние кои го бранат виновниот за поткуп, а праведникот го лишуваат од правдата!

24 Затоа, како што огнот ја проголтуваат сламата, и како што сувата трева исчезнува во пламенот, така ќе изгние нивниот корен, нивната папка ќе се разлета како прав, зашто го отфрлија Законот на Господа над Воинствата и го презреа Словото на Израелевиот Светец.

25 Затоа се распали Господовиот гнев против Неговиот народ, и Тој крена рака на него и го удри, па се стресоа горите: нивните стебла лежат по улиците како отпадоци, но Неговиот гнев уште не се смири, и раката Му е уште крената.

26 Тој го крена военото знаме на далечен народ, му свирна на крајот на земјата и ете: бргу, подготвено ита.

27 Кај него нема преморен ни капнат, ни дремлив ниту сонлив, не го отпашува појасот околу половината, не ги одврзува ремењата на обувките.

28 Стрелите му се добро заострени, сите лакови му се оптегнати, копитата на неговите коњи се кремен, колцата на неговите бојни коли се виор.

29 Рикањето му е како на лав и рика како млади лавови, ‘ржи, го грабнува пленот и го однесува, а нема никој да му го истрга.

30 Во оној ден ќе ‘ржи на него, како што бучи морето. Погледнеш ли ја земјата - сè темнина, и неволја, облачна темнина ја проголта светлината.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66