Исаија 63 MKB

1 Кој е тој што доаѓа од Едом, од Восор, во црвени облеки? Кој е тој што, величествено облечен, чекори полн со сила? „Јас Сум, Кој зборувам правда, Силен кога спасувам!

2 Зошто е црвена твојата облека, и рувото како кај оној кој гази во кацата?

3 - Самиот газев во кацата, од народите никој не беше. Ги изгазив во Својот гнев и ги згмечив во Својата јарост. Нивната крв Ми ја испрска облеката, го извалкав сето Свое руво.

4 Зашто денот на одмаздата Ми беше во срцето, дојде годината на Моето искупување.

5 Се обѕрнав, но немаше помошник! Се зачудив, но немаше поткрепа. Тогаш Ми помогна Мојата мишка, и Мојата лутина Ме поткрепи.

6 Ги сотрев народите во Својот гнев, сите ги изгазив во јарост, и земјата ја натопив со нивната крв!”

7 Ќе ја славам Господовата љубов, Неговите славни дела - за сè што им стори Господ, за големата добрина кон Израелевиот дом, што ни ја искажа во Својата сомилост, во изобилството на Својата љубов.

8 Рече: „Доста, тие се Мој народ, синови, кои не ќе изеневерат!” И Тој им стана Спасител.

9 Во сите нивни тешкотии Тој ги сожалуваше, и Ангел на Неговата присутност ги избавуваше; поради Својата љубов и сомилост, Самиот ги откупи, ги дигна и ги носеше во сите дни на древноста.

10 Но тие се одметнаа, го жалостеа Неговиот Свет Дух. Затоа им стана непријател и Самиот завојува против нив.

11 Тогаш си спомнаа за древните денови и за Неговиот слуга Мојсеј: „Каде е Оној, Кој го извади од водата пастирот на Своето стадо? Каде е Оној, Кој Го вдахна во него Својот Свет Дух?

12 Кој ја водеше величествено Мојсеевата десница со Својата мишка, Кој ја раздели водата пред нив и Си придоби вечно Име;

13 Кој ги преведе по дното на бездната, како коњ низ пустината и не се сопнуваа?”

14 Како добиток што слегува во долината, Господовиот Дух ги водеше кон одморалиштето. Така Ти го водеше Својот народ и Си придоби вечно Име.

15 Погледај од небесата и види од Своето свето и славно живеалиште. Каде е Твојата ревност и сила? Зар престанаа наклонетоста на Твоето срце и Твојата милост кон мене? Ах, не воздржувај го Твоето сочувство,

16 зашто си наш Татко! Авраам не нè познава и Израел не нè признава за свои; Господи, Ти си наш Татко, наш Искупител - Името Ти е од секогаш.

17 Зошто, о Господи, зошто нè оставаш да скитаме далеку од Твоите патишта, зошто ни даде да ни затврднат срцата за да не се боиме повеќе од Тебе? Врати се, заради Своите слуги и заради племињата што се Твое наследство!

18 Зошто безбожниците го газат Твоето Светилиште, а нашите непријатели ја валкаат Твојата светост?

19 Одамна станавме како оние, со кои веќе не владееше и кои веќе не го носат Твоето Име.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66