Исаија 30 MKB

1 Тешко им на одметничките синови! Господ говори: „Тие спроведуваат основи што не се Мои, склучуваат сојузи што не се по Мојот Дух и натрупуваат грев на грев.

2 Се запатија во Египет, не прашувајќи ја Мојата уста, за да прибегнат при фараоновото засолниште и за да се заштитат во сенката на Египет.

3 Фараоновото засолниште ќе ви биде за срам, и за срамота заштитата во сенката на Египет.

4 Ене ги неговите кнезови веќе во Соан, пратениците стигнаа во Ханес:

5 сите тие ќе се разочараат во неполезниот народ, не ќе им биде на помош ниту во полза, туку за срам и срамота.”

6 Пророштво за негевските животни: Низ земјата на неволја и беда, на лавицата и лавот што рика, на лутицата и на крилестиот змев, тие го носат богатството на плеќите на ослињата, и сокровиштата на грбот на камилата, им го носат на неполезниот народ.

7 Зашто е суетна и ништожна помошта на Египет затоа и го наречувам: Рахав - самофалец, кој само седи.

8 Сега напиши на даска и запиши во книжен свиток, за да им остане сведоштво на идните времиња.

9 Ова е непокорен народ, лажливи синови, синови кои не сакаат да го слушаат Господовиот Закон.

10 На гледачите тие им велат: „Откажете се од гледањето!” а на пророците: „Не пророкувајте ја вистината! Претскажувајте што ни е пријатно, пророкувајте ни предвидувања!

11 Свртите од патот, отклонете се од патеката, отстранете ни го од пред очи Израелевиот Светец!”

12 Затоа вака вели Израелевиот Светец: „Зашто го отфрлате ова слово, а се надевате на нечесност и измама, и се потпирате врз нив,

13 тој грев ќе ви биде како распуканица, надуена високо на ѕидот, што се заканува со паѓање:

14 да се урне како што се крши глинениот сад, па меѓу неговите парчиња не ќе се најде ни парченце за да земеш жар од огништето или да зафатиш вода од кладенецот.”

15 Зашто вака зборува Господ Господ, Израелевиот Светец: „Во враќање и почивање е вашето спасение, во смирена надеж е вашата сила,” но вие не сакавте.

16 Рековте: „Не! Ќе избегаме на коњите!” - и затоа, ќе бегате! „Ќе јаваме на брзи коњи!” - и затоа, вашите непријатели ќе бидат побрзи!

17 Ќе избегате илјада од вас кога еден ќе ви се закани, ако ви се заканат петмина ќе се нафрлите во бегање додека не остане од вас како разголено дрво на врвот на гората или како знаме на брег.

18 Но Господ чека час за да ви се смилува, и по таа причина да ви искаже милост, зашто Господ е праведен Бог - блазе им на сите кои Го чекаат Него.

19 Да, сионски народе, кој живееш во Ерусалим, не плачи веќе! Штом го чуе твојот пискот, веднаш ќе ти се смили; штом ќе те чуе, ќе те послуша.

20 Господ ќе ве храни со лебот на тешкотијата, ќе ве пои со вода на неволјата, но веќе нема да се крие твојот Учител - очите ќе ти Го гледаат твојот Учител.

21 И твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: „Тоа е патот, одете по него”, било да тргнувате надесно или налево.

22 Ќе ги сметаш за нечисти своите сребрени ликови; ќе ги отфрлиш како нечистота и ќе им речеш: „Надвор!”

23 А Тој ќе му даде дожд на твоето семе што ќе го посееш во земјата, и лебот што ќе го роди земјата ќе биде во изобилство и хранлив. Во оној ден, твојот добиток ќе пасе по широки пасишта.

24 Воловите и ослиците што ја обработуваат земјата ќе јадат посолена крма, веана со лопата и веалка.

25 И на секоја гора и на секој возвишен брег ќе има потоци и рекички - во денот на силниот колеж кога ќе се уриваат стражарниците.

26 Тогаш светлината на месечината ќе биде како сончевата светлина, а сончевата светлина ќе стане седумпати посилна, како светлината на седум денови - во денот кога Господ ќе го излечи скршеното, кога ќе ги излечи раните од Своите удари.

27 Ете, Името на Господа доаѓа оддалеку, Неговиот гнев гори, димот е неиздржлив. усните Му се полни со јарост, јазикот Му е оган што голта.

28 Здивот Му е како збуен поток што достига до грлото. Тој доаѓа да ги просее народите во погубувачкото решето, да стави узди за заблудување во челустите на народите.

29 Тогаш песната ќе ви биде како во празничните ноќи, кога срцата се веселат како во оној кој покрај звуците на кавалот се искачува со чест на Господовата Гора, кон Израелевата Стена.

30 Господ ќе загрми со величествен глас, и ќе ја покаже Својата рака што удира во јаросен гнев, среде гибелен оган, од буроносен пороен дожд и од крупен град.

31 Од Господовиот глас ќе се исплаши Асирецот, шибнат со рачка.

32 И секогаш кога ќе го удри казнената прачка, со која Господ ќе го нашиба, нека се разгласат тапаните и гуслињата - Тој војува со нив во сиот ек на бојот!

33 Одамна е приготвен Тофет, за царот приготвен; - куп дрва висок, широк, многу оган, многу дрва. Здивот на Господовиот гнев, како сулфурен поток, ќе го изгори.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66