1 Праведникот загинува и никој не го зема тоа при срце. Ги отстрануваат побожните луѓе и никој не сфаќа. Да, заради злото отстранет е праведникот
2 за да би влегол во мир. Секој што оди по прав пат се одморува на своето легло.
3 „Пристапете сега, синови на вражалката, блудничко и прељубничко легло!
4 Со кого се потсмевате, против кого ја отворате устата широко и кому му го плазите јазикот? Не сте ли вие чеда на престап и рожба на лагата?
5 Вие, кои се распалувате меѓу дабовите, под секое зелено дрво, жртвувајќи деца во долините и во расцепнатините на стените!
6 Твојот дел е меѓу поточните каменчиња, тие, тие се твое наследство. Ним им ја излеваш налевницата, ним им принесуваш дарови! Зар да се утешам Јас со тоа?
7 На висока издигната планина си го поставила своето легло, и си се искачила онаму за да принесуваш жртва.
8 Зад вратите и зад довратниците си го поставила својот спомен; далеку од Мене го откриваш своето легло, се искачуваш на него и го шириш. Си се договарала со оние со кои сакаше да лежиш, сè повеќе блудничеше со нив, гледајќи го местото.
9 Со масло трчаш по царот, со многу мирисливи масти, далеку ги испрати своите гласници, се понижи до Подземјето.
10 Исцрпена си од толкави скитања, но не рече: ‘Безнадежно е!’ Наново ја најде својата сила, па не си папсала.
11 Кога си се уплашила и боела зошто си изневерила, дека Мене веќе не си Ме спомнувала, ниту си Ме чувала во срцето? Молчев, ги затворав очите, затоа не се боеше од Мене.
12 Но ќе објавам за твојата правда и твоите дела не ќе ти ползуваат.
13 Кога ќе почнеш да викаш, нека те избават киповите што си ги собрала, сите ќе ги разнесе ветерот, виорот ќе ги оддува. А кој се надева во Мене, ќе ја наследи земјата и ќе ја добие Мојата Света Гора.”
14 Ќе се зборува: „Насипете, насипете, израмнете го патот! Отстранете ги пречките од патот на Мојот народ!”
15 Зашто вака зборува Вишниот и Возвишениот, Кој вечно живее, и Името Му е Светиот: „Престолувам во високо и свето место, но Јас Сум и со угнетуваните и со понижуваните, за да го оживеам духот на смирените, за да го оживеам срцето на скрушените.
16 Зашто нема да се препирам довека, ниту да се лутам вечно: пред Мене би подлегнале духот и душите што Сум ги создал.
17 Заради гревот на неговата лакомост се разгневив, го удрив и се скрив разгневен. Но тој сврти по своето срце
18 и ги видов неговите патишта. Ќе го излечам, ќе го водам и ќе ги утешам оние што тагуваат со него -
19 ќе ставам пофалба во нивните усни. Мир, мир на оној кој е далеку и кој е близу,” зборува Господ, „Јас ќе те излечам.”
20 Но безбожниците се како разбранувано море, што не може да се смири, неговите бранови исфрлаат тиња и кал.
21 „Нема мир за грешниците!” Зборува мојот Бог.