1 „Викај од сето грло, не воздржувај се! Издигни го својот глас како рог. Објави му ги на Мојот народ неговите злостори, на Јакововиот дом неговите гревови.
2 Ден по ден, тие Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, како народ кој ја извршува правдата и не го заборава правото на својот Бог. Од Мене бараат праведни судови и копнеат за да им се приближи Бог:
3 ‘Зошто постиме ако Ти не гледаш, зошто се смируваме ако Ти не знаеш?’ Ете, во денот кога постите наоѓате работа и на работа ги терате своите работници.
4 Ете, вие постите за да се препирате и за да се карате и за да ги биете бедните со тупаницата. Не постете веќе како денес, и ќе ви се чуе гласот во висината!
5 Зар Мене Ми е по волја таков пост во денот кога човекот се измачува? Да се наведнува главата кон земјата како трска, да се постила под себе вреќиште и пепел, сакаш ли тоа да го наречеш пост и ден угоден на Господа?
6 Ова е пост што Ми е по волјата: да ги кинеш неправедните окови, да ги разврзеш врските на јаремот, да ги пуштиш на слобода угнетуваните, да ги скршиш сите окови;
7 Да го поделиш својот леб со гладните, да ги воведеш под својот покрив бескуќниците, да го облечеш оној што ќе го видиш гол, и да не се криеш од оној, кој е од твојата крв.
8 Тогаш ќе светне како зората твојата светлина и твоето здравје ќе процвета бргу. Твојата правда ќе оди пред тебе, а Господовата слава ќе ти биде заштитница.
9 Ако викнеш, Господ ќе ти одговори, кога ќе извикаш, ќе рече: ‘Еве Ме!’ Ако ги отстраниш од својата средина јаремот, испружениот прст и безбожната беседа,
10 ако му дадеш леб на гладниот, ако го наситиш угнетуваниот, твојата светлина ќе засвети во темнината, и твојата темнина ќе стане како пладне.
11 Господ ќе те води непрекратно, ќе те сити во сушни краишта. Тој ќе ги закрепнува твоите коски, и ќе бидеш како напоена градина, како кладенец, чија вода никогаш не пресушува.
12 И ти ќе градиш врз старите урнатини, ќе ги подигнеш основите на идните поколенија. Ќе те викаат поправач на урнатините и обновител на патиштата до населбите.
13 Ако ја воздржиш ногата за да не ја изгазиш саботата, и да не вршиш работи во светиот ден; наречеш ли ја саботата милина и чесен денот посветен на Господа; почитуваш ли го откажувајќи се од пат, од занимање со работа и од празни зборувања -
14 тогаш ќе ја најдеш својата радост во Господа, и Јас ќе те изведам по земните височини, ќе ти дадам да уживаш во наследството на твојот татко Јаков, зашто Господовата уста зборуваше.”