1 Нека се зарадува пустината, исушената земја, нека воскликнува степата, нека расцвета лилјанот.
2 Нека цвета бујно со цвет, да, нека воскликнува од веселба и нека се радува. & е дадена славата на Ливан, и убавината на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат Господовата Слава, величието на нашиот Бог.
3 Закрепете ги изнемоштените раце, зацврстете ги ослабените колена!
4 Речете им на исплашените срца: „Бидете силни, не бојте се! Еве Го вашиот Бог, одмаздата доаѓа, Божјата плата, Тој Самиот брза да нè спаси!”
5 Очите на слепците ќе прогледаат, ушите на глувите ќе се отворат,
6 тогаш хромиот ќе скока како елен, јазикот на немиот ќе воскликнува. Зашто во пустината ќе бликнат води, а во степата потоци,
7 изгорената земја ќе стане езеро, а жедната почва - извори. Во дувлата во кои лежеа чакалите, ќе никне рогузина и трска.
8 Таму ќе има друм и пат, а ќе се нарече свет пат; нечистиот не ќе помине по него, но ќе биде за оној, кој оди по тој пат, дури и глупавите не ќе скитаат по него.
9 Таму не ќе има лав, ниту ѕвер ќе поминува таму, туку ќе одат само искупените,
10 ќе се враќаат искупениците Господови. Ќе дојдат во Сион воскликнувајќи од радост, со вечна веселба на челата; радоста и веселбата ќе ги придружуваат, ќе ги победат тагата и воздишките.