Исаија 45 MKB

1 „Господ зборува вака за Кир, за Својот помазаник: ‘Го примив за десница, за да ги покорам пред него народите и да им го распашам бедрото на царевите, за да ги отворам вратите пред него, па ниедна врата да не му биде затворена.

2 Јас ќе одам пред Тебе за да ги израмнам високите места, за да ги разбијам бронзените врати, за да ги скршам железните лостови.

3 Ти давам тајни сокровишта и скриени богатства, за да сознаеш дека Јас Сум Господ, Кој те повикувам по име, Израелевиот Бог.

4 Заради Својот слуга Јаков и Израел, Својот избраник, Јас те повикав по име, те именував иако не Ме знаеше.

5 Јас Сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене. Иако не Ме познаваш, те вооружав:

6 нека се знае од исток до запад дека сè вон Мене е ништавило. Јас Сум Господ и нема друг;

7 Јас ја творам светлината и ја создавам темнината. Јас ја создавам среќата и ја доведувам бедата, Јас, Господ, го правам сè тоа.’

8 Росете, небеса, одозгора, и облаци, дождете со праведност. Нека се раствори земјата за да процвета спасението, за да изникне избавувањето! Јас, Господ, создавам сè.

9 Тешко му на оној кој се расправа со својот Творец, а е сад меѓу глинени садови? Дали му вели глината на грнчарот: ‘Што правиш?’ или неговото дело: ‘Нема раце!’

10 Тешко му на оној кој ќе му рече на таткото: ‘Зошто раѓаш?’ Или на жената: ‘Што си дала на свет?’”

11 Вака зборува Господ, Израелевиот Светец, неговиот Творец: „Зар е ваше да Ме прашувате за Моите деца, и да Ми заповедате за делото на Моите раце?

12 Јас ја направив земјата и го создадов човекот на неа; со Своите раце ги оптегнав небесата и им заповедувам на сите нивни воинства.

13 Јас го издигнав за да победи и му ги израмнив сите патишта. Тој ќе го обнови Мојот град и ќе ги врати Моите заробеници без откуп и надомест.” Така вели Господ над Војските.

14 Господ зборува вака: „Трудот на Египет и трговијата на Етиопија, и Савците, луѓе со висок раст, ќе пребегнат при тебе и ќе бидат твои; ќе идат по тебе оковани, ќе ти се клањаат тебе и ќе ти се молат: ‘Бог е единствено кај тебе, нема друг.’”

15 Навистина Ти си скриен Бог, Израелев Бог, Спасител.

16 Ќе се засрамат и ќе се збунат сите заедно, ќе си отидат засрамени, оние кои прават кипови.

17 А Господ ќе го спаси Израел со вечно спасение. Нема да се засрамите и не ќе се смутите довека.

18 Да, вака зборува Господ, Творецот на небесата - Тој е Бог - Кој ја вообличи и ја создаде земјата, Кој ја зацврсти и не ја создаде пуста, туку ја вообличи за живеење: „Јас Сум Господ и нема друг.

19 Не говорев во тајност, во катчето на мрачната земја. Не му реков на Јакововото потомство: ‘Барајте Ме напразно.’ Јас, Господ, зборувам правда ја откривам вистината.

20 Соберете се и дојдете, пристапите заедно, сите преживеани од народот! Вистински неуки се оние што носат кип изработен од дрво и кои молат бог што не може да ги спаси.

21 Објавете, изнесете ги своите докази, советувајте се заедно: Кој го навести тоа од старини и Кој прорече оттогаш? Не Јас ли, Господ? Нема друг Бог освен Мене; праведен Бог и Спасител нема освен Мене.

22 Обратете се кон Мене за да се спасите, сите краишта на земјата, зашто Јас Сум Бог и нема друг!

23 Се колнам Сам во Себе, од Мојата уста излегува вистина, нема да се врати напразно, дека пред Мене ќе се поклони секое колено, со Мене ќе се заколнува секој јазик,

24 говорејќи: ‘Единствено во Господа се победата и силата! Кон Него ќе дојдат, засрамени, сите кои беснееја против Него.

25 Преку Господа ќе победи и ќе се прослави сето Израелево потомство!’”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66