Исаија 24 MKB

1 Ете, Господ ја запустува земјата, ја разурнува, и го обезобразува лицето, ги распрснува нејзините жители.

2 Свештеникот ќе биде како и народот, господарот како и слугата, господарката како и слугинката, продавачот како и купувачот, заемодавачот како и позајмувачот, оној што дава на заем како и должникот.

3 Земјата ќе биде запустена, сосем ограбена, зашто Господ одлучи.

4 Земјата тажи, венее, светот гине, згаснува, небото пропаѓа со земјата.

5 Земјата е онечистена под своите жители, зашто го престапија Законот, ја изгазија одредбата, го нарушија вечниот Завет.

6 Затоа проклетството ја проголтува земјата, нејзините жители се виновни. Затоа се изгорени земните жители и малку луѓе останаа.

7 Виното тагува, лозата венее, воздивнуваат сите што беа со весело срце.

8 Прекрати веселбата покрај тапаните, замре разиграната врева, прекратија веселбите покрај гуслето.

9 Не се пие веќе вино со песни, се згорчи жестокиот пијалак.

10 Суетниот град е разурнат, затворен е влезот во сите куќи.

11 Плач по улиците заради виното, ја снема секоја веселба, радоста е протерана од земјата.

12 Само пустота остана во градот, со тресок се скршени вратите;

13 зашто така се збиднува на земјата, меѓу народите, како кога ќе се соберат маслинките, или кога се дособира грозјето по гроздоберот.

14 Тие го креваат гласот, воскликнуваат од радост; го возвишуваат од морето Господовото величие.

15 Тие го слават Господовото Име на исток, го слават морските острови името на Господа, Израелевиот Бог.

16 Од крајот на земјата ја слушаме песната: „Слава на Праведникот!” Но јас велам: „Пропаднав! Пропаднав! Тешко мене! Вероломците се изневерија со неверство, вероломците се изневерија.”

17 Страв, јама, стапица, за тебе, жителу на земјата:

18 Кој ќе избега пред гласот на стравот, ќе падне во јама, кој ќе се извлече од јамата ќе биде фатен од стапицата. Да, ќе ги отворам браните одозгора и ќе ги растресам основите на земјата.

19 Земјата ќе се разбие грозно, земјата ќе се распука страшно, земјата ќе се стресе силно,

20 земјата ќе се залула како пијаница, ќе се заниша како колиба, толку ќе и стежне нејзиното беззаконие, што ќе падне и веќе не ќе стане.

21 И ќе се случи во оној ден: Господ ќе ја казни во висината небесната војска, а на земјата сите земни цареви;

22 ќе бидат собрани и затворени во јама, затворени во темница и казнети по многу денови.

23 Месечината ќе се зацрвени, сонцето ќе се засрами, зашто Господ над Воинствата ќе царува на Сионската Гора и во Ерусалим, и Неговата слава ќе блеска пред старешините.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66