Исаија 21 MKB

1 Пророштво за Приморската Пустина. Како што виорите дувајќи низ Негев доаѓаат од пустината, од стравотниот крај

2 - ми се откри во страшно видение - така ограбувачот ограбува, запустувачот запустува. „Нафрли се, Еламу, опколи, Мидејо! Ќе ги докрајчам сите пискотници.”

3 Затоа моите бедра се полни со грчеви; ме опфаќаат болки како болките на родилката; оглувев од збунетост, ослепев од страв.

4 Срцето ми трепери, ужас ме опфати, примракот за кој копнеев стана страшилиште.

5 Поставуваат стол, распростираат столна прекривка, се јаде и пие. Станете, кнезови мачкајте ги штитовите!

6 Зашто Господ ми рече вака: „Оди, постави стражари! Нека јават, што ќе видат.

7 Ако видат коњаници, вдвоени јавачи, јавачи на осли, јавачи на камили, нека внимаваат добро, со напрегнато внимание!”

8 А стражарот извика: „Господару, постојано сум во стражарницата дење, јас престојувам на стража целата ноќ.”

9 И ете, доаѓаат коњаници, двојни јавачи. Тие ми викнаа, тие рекоа: „Падна, падна, Вавилон! Сите кипови на неговите богови се искршија на земја.”

10 Извршено жито, чедо на моето гумно, што чув од Господа над Воинствата, од Израелевиот Бог, ви јавив!

11 Пророштво за Едом. Ми викаат од Сир: „Стражару, кое доба на ноќта е? Стражару, кое доба на ноќта е?”

12 Стражарот одговори: „Утрото доаѓа, а потоа пак ноќта. Сакате ли да прашувате, прашајте, вратете се, дојдете!”

13 Пророштво за Арабјаните. Почивате во пустинските грмушници, дедански каравани.

14 Изнесете вода пред жедните жители на Темската Земја, излезете со леб пред бегалците.

15 Тие бегаат пред мечевите, пред извлечениот меч, пред оптегнатиот лак, пред жестокиот бој.

16 Да, вака ми рече Господ: „Уште една година, надничарска година, и ќе ја снема сета Кидарова слава.

17 А од многубројните стрелци меѓу храбрите Кидарови синови малкумина ќе останат.” Така зборуваше Господ, Израелевиот Бог.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66