1 Стани, засвети, зашто твојата светлина доаѓа, над тебе блеска Господовата Слава,
2 а еве, темнината ја покрива земјата, и мракот народите! А тебе те осветлува Господ, и Неговата Слава се јавува над тебе.
3 Народите чекорат кон твојата светлина, и царевите кон исток на твојот сјај.
4 „Подигни ги очите, обѕрни се: сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Твоите синови доаѓаат од далеку, ти ги носат ќерките во прегратки.
5 Тогаш ќе гледаш и ќе блескаш од радост, срцето ќе ти игра и ќе се шири, зашто кон тебе ќе затече богатството на морето, богатството на народите ќе дојде кон тебе.
6 Мноштво камили ќе те покријат, едногрби камили од Мадијам и Ефа. Сите ќе дојдат од Сава, донесувајќи злато и темјан и ќе ја навестат Господовата Слава.
7 Сите кидарски стада ќе се соберат во тебе, наваотските овнови ќе ти бидат за служба. Ќе се искачуваат, како угодна жртва, на Мојот жртвеник, ќе го прославам Домот на Мојата Слава!
8 Кои се оние што треперат во воздухот како облаци, како гулаби на своите прозорци?
9 Да, Мене Ме чекаат островите, а тарсиските кораби се пред нив, за да ги доведат твоите синови од далеку, а со нив нивното сребро и злато, заради Името на Господа, твојот Бог, заради Израелевиот Светец, Кој те прослави.
10 Странци ќе ги обноват твоите ѕидови, и нивните цареви ќе ти служат. Јас те удрив во Својот гнев, но пак ти се смилував со Својата наклоност.
11 Твојата врата ќе биде отворена секогаш, не ќе се затвора ни дење ни ноќе, за да ги пропушти кон тебе богатствата на народите, со царевите кои ги водат.
12 Зашто ќе пропаднат народот и царството што не ќе сака да ти служи, и тие народи ќе се сотрат сосем.
13 Славата на Ливан ќе дојде при тебе, чемпресите, јаворите и брезите заедно, за да го украсат просторот на Моето Светилиште, ќе го прослават Моето подножје!
14 При тебе ќе доаѓаат, наведнати синовите на твоите угнетувачи, ќе ти паѓаат пред нозе кои те презираа. Ќе те наречуваат Господов Град, Сион на Израелевиот Светец.
15 Затоа што беше оставен, замразен, одбегнуван, ќе те направам вечно возвишен, радост од поколение до поколение.
16 Ти ќе се ситиш со млекото на народите, ти ќе се доиш од градите на царевите. И ќе знаеш дека Сум Јас, Господ, твој Спасител, Јакововиот Силен, твој Искупител.
17 Место бакар, ќе донесам злато, место железо, ќе донесам сребро; место дрва, бакар, место камен, железо. Мирот ќе го поставам за твој главатар, Правдата за владетел.
18 Веќе не ќе се слуша за насилство во твојата земја, ни за запустување и разурнување на твое подрачје. Своите ѕидови ќе ги наречуваш Спасение, својата врата - Слава.
19 Сонцето веќе не ќе ти биде светлина дење, туку Господ ќе биде твоја вечна светлина, и твојот Бог ќе биде твој сјај.
20 Твоето сонце нема веќе да заоѓа, ниту месечината ќе ти се затемни, зашто Господ ќе биде твое вечно видело и ќе се свршат деновите на твојата жалост.
21 Сите во твојот народ ќе бидат праведници, и ќе ја наследат земјата довека, подниците на Мојот расад, делото на Моите раце, за да се прославам во нив.
22 Од најмалиот ќе останат илјада, од слабиот силен народ, Јас, Господ, зборував, ќе го извршам тоа во право време.”