Исаија 29 MKB

1 Тешко на Ариел! На Ариел, на градот што го опсади Давид! Нека се ниже година по година, нека се изредат празниците,

2 па ќе го притиснам Ариел, и ќе настанат пискотница и лелекање. За мене ќе бидеш Божјо Огниште,

3 ќе те опколам како Давид, ќе те опкружам со ровови, ќе подигнам насипи спроти тебе.

4 Соборен ќе зборуваш од земјата, од правот ќе тепкавиш со задушен збор, гласот ќе ти се крева од земјата како на покојник, ќе шептиш беседи од правот.

5 А мноштвото на твоите непријатели ќе биде како ситен прав, толпата насилници - како развеана плева: и одеднаш, во еден миг:

6 ќе те посети Господ над Војските со грмеж, со татнеж, со голем шум, со виор, со бура и со пламен оган што голта.

7 Ќе бидеш како сон, како ноќно видение: мноштво на сите народи што војуваат со Ариел и на сите оние кои завојуваа против него и против неговата тврдина и кои го притискаа отсекаде.

8 Ќе биде како кога гладниот сонува дека јаде, а се разбудува со празен желудник; и како кога жедниот сонува дека пие, па се разбудува - изнемоштен - со суво грло. Така ќе им се случи на многуте народи, кои војуваа против Сионската Гора.

9 Застанете, скаменете се од чудо, ослепете и заслепете се! Пијани се, ама не од вино, се тетерават, ама не од жесток пијалак.

10 Господ излеа на вас дух на премалување, ги затвори вашите очи - пророците, ја прекрши вашата глава - гледачите.

11 Затоа секое видение ќе ви биде како зборови во запечатена книга: ако му биде дадена на некој што знае да чита, велејќи: „Ајде, читај го тоа!” - тој ќе одговори: „Не можам, зашто е запечатена.”

12 А ако му биде дадена на некој што не знае да чита, велејќи: „Читај го тоа!” - тој ќе одговори: „Не знам да читам.”

13 Господ рече: „Бидејќи овој народ Ми пристапува само со устата, и Ме почитува само со усните, а срцето му е далеку од Мене, и неговото почитување научено од човечки одредби,

14 затоа, еве, и натаму ќе постапувам чудно со овој народ - чудно и пречудно: и ќе пропадне мудроста на неговите мудреци, ќе потемнее умноста на неговите умници.”

15 Тешко им на оние што се кријат од Господа, за да ги скријат своите намери, и кои во мрак дејствуваат и зборуваат: „Кој нè гледа и кој нè позна?”

16 Колкаво безумство! Дали се цени глината колку грнчарот, па делото да му рече на својот творец: „Тој не ме направи?” Или грнецот да му рече на грнчарот: „Тој не разбира ништо?”

17 Не ќе ли се претвори скоро Ливан во градина, а овошникот да се изроди во гора?

18 И во оној ден глувите ќе го чујат словото на книжниот свиток; очите на слепите, ослободени од мракот и темнината, ќе гледаат.

19 А бедните пак ќе се радуваат во Господа, најбедните ќе Му воскликнуваат на Израелевиот Светец,

20 зашто ќе нема веќе насилници, ќе ги снема потсмевачите, ќе бидат истребени сите кои смислуваат зло:

21 оние кои ги обвинуваат другите со зборови, оние кои поставуваат стапица на вратата на судијата и за ништо го соборуваат праведникот.

22 Затоа вака зборува Господ, Бог на Јакововиот дом, Кој го откупи Авраама: „Отсега Јаков не ќе се срами веќе, и не ќе му бледнее веќе лицето,

23 зашто кога ќе го види сред себе делото на Моите раце, ќе го свети Моето Име.” Ќе го светат Јакововиот Светец, ќе се бојат од Израелевиот Бог.

24 Заблудените во духот ќе се вразумат, а оние што м’рморат ќе примаат поука.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66