Исаија 47 MKB

1 „Снижи се, седни во правот, девице, вавилонска ќерко! Седни на земјата, без престол, халдејска ќерко! Зашто, не ќе те викам веќе нежна и раскошна.

2 Земи рачна мелница и мели брашно! Симни го превезот, подигни ги краиштата на облеката, разголи ги бедрата, премини преку реката!

3 Нека се открие твојата голотија нека се покаже твојата срамота! Јас ќе се одмаздам, никој не ќе Ме спречи.”

4 Нашиот откупител, името Му е Господ над Војските, Израелевиот Светец вели:

5 „Седи молчејќи, повлечи се во темнина, халдејска ќерко. Зашто, нема веќе да те викаат владетелка на царствата.

6 Се разгневив на Својот народ, го запустив Своето наследство. Ти ги предадов тебе во рацете, а ти не им искажа милост. На старците го ставаше своето претешко бреме.

7 Зборуваше: ‘Довека ќе останам господарка.’ Никогаш тоа не го зеде на срце, ниту помисли како ќе заврши.

8 А сега послушај, развратнице, која седиш безгрижно и во своето срце говориш: ‘Јас и никој друг! Никогаш не ќе овдовеам, не ќе ги изгубам децата!’

9 Двете нешта ќе те стигнат, во миг, во ист ден! Ќе ги изгубиш децата, ќе овдовееш! Со полна мерка ќе те најдат двете нешта покрај сето твое вражање и мноштво на твоите проклетства!

10 Се надеваше во своето зло, зборуваше: ‘Никој не ме гледа!’ Твојата мудрост и знаењето те заведоа. Во своето срце велеше: ‘Јас и никој друг!’

11 Зло ќе те најде - не ќе го пресретнеш, несреќата ќе се нафрли врз тебе - нема да ја одвратиш; пропаста ќе дојде одненадеж врз тебе, нема да ја предвидиш.

12 И така, запри со своите вражања и со толкуте свои баења, околу кои се трудеше од младоста. Ако можат да ти бидат од полза? Ако можеш со нив да предизвикаш страв?

13 Те изморија твоите многубројни советници! Нека станат само да те спасат оние кои ги премеруваат небесата, кои ги набљудуваат ѕвездите и кои секој месец проречуваат што ќе те снајде.

14 Ете, тие ќе бидат како плева, оган ќе ги изгори. Ни самите себе не ќе се избават од силата на пламенот. Не ќе остане ни жарче, за да се огрее некој, ни огниште, да поседи покрај него!

15 Такви ќе бидат твоите вражалци, со кои се трудеше од младоста! Секој ќе тргне по својот пат, и не ќе има никој да те спаси.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66