1 Во прво време Тој ја понижи Завулоновата Земја и Нефталимовата Земја, но во последното време Тој ќе го прослави патот покрај морето од онаа страна на Јордан - незнабожечката Галилеја.
2 Народ кој одеше во темнина, виде голема светлина; оние што живееја во мрачна земја, ги осветли силна светлина.
3 Ти го умножи народот, ја зголеми веселбата, и тие се радуваат пред Тебе, како што луѓето и се радуваат на жетвата, како што викаат кога се дели пленот.
4 Неговото тешко бреме, прачката што му ги притискаше плеќите, бичот на неговиот гонител, ги скрши како во мадијамскиот ден.
5 Да, сите воени обувки, секоја облека натопена во крв, ќе изгорат и ќе му бидат храна на огнот.
6 Зашто, ни се роди Дете, Син ни се даде, власта му е на рамото. Името ќе Му биде: Чудесен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот.
7 Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот над Давидовиот престол, над неговото царство: ќе го зацврсти и ќе го утврди во правина и во праведност. Отсега и довека ќе го направи тоа приврзаната љубов на Господа над Воинствата.
8 Господ испрати слово на Јакова и тоа падна на Израел.
9 Го научи сиот Негов народ, Ефрем и жителите на Самарија кои велеа со надуено и горделиво срце:
10 „Ни пропаднаа тулите, ќе градиме од делкан камен; ни ги исекоа дивите смокви, ќе посадиме кедри.”
11 Но Господ ги подигна на гората Сион неговите противници и ги подбуцнува неговите непријатели:
12 Сиријците на исток, Филистејците на запад, за да го голтнат со сите усти Израел. Покрај сè тоа Неговиот гнев нема да се смири, Неговата рака ќе остане испружена.
13 Но народот не се обрати кон Оној Кој го биеше, не Го бараа Господа над Војските.
14 Затоа Господ му ги отсече на Израел главата и опашката, палмата и трската во еден ден.
15 Старешината и првенецот - тоа е главата; пророкот, учител на лагата - тоа е опашката.
16 Оние кои го водат тој народ, го заведуваат, а кои ќе остават да бидат водени - пропаднаа.
17 Затоа Господ нема да ги поштеди младите, нема да им се смилува на неговите сираци и вдовици. Сиот тој народ е безбожен и зол, зборува безумно со сета уста. Неговиот гнев нема да се смири на сè тоа, Неговата рака ќе остане испружена.
18 Да, безбожноста се размавта како оган, голта глогинки и трње, па ги запали густите горски месности, столбови од дим се креваат.
19 Гори земјата од Господовиот гнев, народот му станува храна на огнот. Никој не го поштедува ни брата си,
20 ќе граби оддесно и пак ќе е гладен; ќе голта одлево, и пак не ќе е сит; секој ќе јаде месо од својата мишка.
21 Манасиј Ефрема, Ефрем Манасија, двајцата заедно против Јуда. Неговиот гнев нема да се смири на сè тоа, Неговата рака ќе остане испружена.