Исаија 36 MKB

1 Во четиринаесеттата година на Езекиевото царување асирскиот цар Сенахир ги нападна сите утврдени јудејски градови и ги освои.

2 И асирскиот цар му го испрати од Лахис во Ерусалим при царот Езекија, големиот виноцрпец со силна војска. Тој застана кај водоводот на Горниот Рибник, на патот на Валавичарското Поле.

3 Кон него излегоа управителот на дворецот Елијаким, син Хелкиин, писарот Шевна и советникот Јоах, син Асафов.

4 Големиот пехарник им рече: „Кажете му на Езекија: ‘Вака зборува големиот цар, асирскиот цар: „Каква е таа надеж во која се надеваш?

5 Мислиш ли дека празните зборови веќе се совет и силаза војна? Во кого се надеваш што се побуни против мене?

6 Ете, се потпираш на Египет, на скршената трска што продрува и ја продупчува дланката на оној кој ќе се потпре на неа.

7 Можеби ќе ми одговорите: ‘Се надеваме во Господа, својот Бог.’ Но нели Езекија и Нему Му ги отстрани високите места, жртвениците и им заповеда на Јудејците и на Ерусалим: ‘Поклонувајте се само пред овој жртвеник!’”‘

8 И така, обложи се со мојот господар, асирскиот цар: ќе ти дадам две илјади коњи ако можеш да најдеш јавачи за нив.

9 Како ќе му дадеш отпор тогаш на еден единствен од најмалите слуги на мојот господар? Но ти се надеваш во Египет дека ќе ти даде коли и коњаници!

10 Најпосле, зар јас тргнав, без оглед на Божјата волја, тргнав против оваа земја за да ја разурнам? Самиот Господ ми рече: ‘Оди против таа земја и разурни ја!’”

11 Елијаким, Сомна и Јоах му рекоа на големиот виноцрпец: „Те молиме, зборувај им арамејски на своите слуги, зашто ние разбираме; не зборувај со нас на јудејски да не чуе народот што е на ѕидовите.”

12 Но големиот виноцрпец им одговори: „Зар мојот господар ме испрати да ви го речам ова на твојот господар и тебе, а не токму на оние луѓе кои седат на ѕидовите, осудени со вас да ја јадат својата нечистота и да ја пијат својата моч?”

13 Тогаш големиот виноцрпец се исправи и со сиот глас ги извика овие зборови: „Чујте го словото на големиот цар, асирскиот цар!

14 Вака вели царот: ‘Езекија нека не ве залажува, зашто не може да ве избави од мојата рака.

15 Езекија нека не ве охрабрува со надеж во Господа, велејќи: „Господ ќе нè избави без друго: овој град нема да падне во рацете на асирскиот цар.”

16 ‘ Склучете мир со мене, предајте ми се, па секој нека ги јаде плодовите од своето лозје и од својата смоква, и нека пие вода од својот кладенец,

17 додека не дојдам и не ве одведам во земја што е како вашата, во земја со жито и вино, во земја со леб и лозја.

18 Не оставајте да ве измами Езекија велејќи ви: „Господ ќе ве избави.” Дали боговите на другите народи ги избавија своите земји од рацете на асирскиот цар?

19 Каде се ематските и арфадските богови за да ја избават Самарија од моите раце?

20 Кој меѓу сите богови на тие земји ја избавија својата земја од мојата рака, па Господ да го избави Ерусалим од мојата рака?’”

21 Молчеа, и ни збор не му одговорија, зашто царот беше наредил: „Не одговарајте!”

22 Управителот на дворецот Елијаким, син Хелкиин писарот Сомна и советникот Јоах, син Асафов, дојдоа при Езекија, откако ги раздраа облеките, и му ги соопштија зборовите на големиот пехарник.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66