1 О, да ги раскинеш небесата и да слезеш, за да им го јавиш Своето Име на непријателите: ридовите би се треселе пред Твоето лице, народите би трепереле пред Тебе,
2 како кога огнот ќе ги запали сувите гранки и прави да зоврие водата!
3 Правејќи стравотии, нечекани дела, слегуваше, и брдата се тресеа пред Тебе!
4 Не се чу одвека, ниедно уво не чу, ниедно око не виде, да им направи некој бог, освен Тебе, такво нешто на оние кои се надеваат во Него.
5 Им помагаш на оние кои радосно ја вршат правдата и си спомнуваат за Тебе на Твоите патишта; Те разгневивме, згрешивме, се одметнавме од Тебе.
6 Така сите станавме нечисти, а сета наша правда како извалкани облеки. Сите ние отпаднавме како лисја и нашите беззаконија нè однесуваат како ветер.
7 Нема никој да го повика Твоето Име, да се разбуди и да се потпре на Тебе. Зашто го скри Своето лице од нас и нè предаде во рацете на нашите злостори.
8 Па сепак, наш Татко си, о Господи: ние сме глина, а Ти си нашиот Грнчар - сите ние сме дело на Твоите раце.
9 Не гневи се, Господи, многу жестоко, не спомнувај си непрекратно за нашата кривица. Де погледај - па сите ние сме Твој народ!
10 Запустија Твоите свети градови, Сион стана пустина, и Ерусалим запустеност.
11 Домот, нашата светина и нашата слава, во кој Те славеа нашите татковци, изгоре во оган, и сите скапоцености ни се ограбени.
12 Зар на сè тоа ќе се воздржуваш, Господи, зар ќе молчиш и ќе нè натажуваш премногу?