Исаија 25 MKB

1 Господи, Ти си мој Бог, Те величам, го славам Твоето Име, зашто спроведе чудесен наум, смислен од дамнина, вистински и верен,

2 зашто градот го претвори во куп камења, а утврденото место во урнатина. Непријателската тврдина веќе не е град, не ќе биде обновена довека.

3 Затоа Те слави силен народ, градот на силните племиња се бои од Тебе;

4 зашто Ти си му заштита на сиромашниот; прибежиште на бедниот во неволја; прибежиште од пороен дожд и засолниште од припек, зашто силничкиот гнев е како зимски пороен дожд;

5 како жега над сувата земја, Ти ја задушуваш вревата на непријателот, како припекот со сенката на облак, им прекрати на насилниците победничката песна.

6 И Господ над Воинствата ќе им приготви на сите народи на оваа гора гозба од мрсно месо, гозба со чисто вино, од сочна згуснетост, од стаено вино.

7 На оваа гора Тој ќе ја скине завесата која ги покриваше сите народи, покривката што ги покриваше сите племиња,

8 и ќе ја уништи смртта засекогаш. И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице - ќе го симне срамот на Својот народ од целата земја: Господ рече така.

9 И ќе се рече во оној ден: „Ете, Овој е нашиот Бог, во Него се надеваме, Тој нè спаси; Тој е Господ во Кого се надевавме! Да Му воскликнуваме и да се веселиме на Неговото спасение.”

10 Зашто Господовата рака почива на оваа гора! Моав е изгазен на своето место како што се гази слама на буниште.

11 Таму Тој размавнува со рацете, како што ги размавнува пливачот кога плива. Но Господ ја оборува неговата горделивост и кревањата на неговите раце.

12 Високата тврдина на твоите ѕидови Тој ја разурнува, ја фрла на земја, ја руши во прав.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66