Исаија 44 MKB

1 „Сега чуј, Јакове, Мој слуго, Израеле, кого го избрав.

2 Вака вели Господ, Кој те создаде, Кој те створи во утробата и те помаза: ‘Не бој се, Јакове, Мој слуго, Ешуруне (Израеле), кого го избрав.

3 Зашто ќе излеам вода врз жедна земја, и потоци по сувата почва. Ќе го излеам Својот Дух на твоето семе, и Својот благослов на твоето поколение.

4 Ќе растат како трева покрај извор, како врби покрај води што течат.’

5 Еден ќе рече: „Јас сум Господов,” друг ќе се наречува со Јакововото име. Третиот ќе си напише на раката: „Господов” и ќе се нарече со Израелевото име.

6 Вака зборува Израелевиот Цар и неговиот Искупител, Господ над Воинствата: ‘Јас Сум првиот и Јас Сум последниот: нема Бог освен Мене.

7 Кој е како Јас? Нека стане и нека зборува, нека навестува и нека Ми изложи! Кој откри, од вечноста, што се случило? Нека ни навести уште што ќе дојде!

8 Не плашете се, не бојте се: нели оддамна ви го навестив тоа и ви го открив? Вие сте Ми сведоци: има ли Бог освен Мене? Има ли Стена? Јас за друга не знам!’”

9 Секој што прави кипови, ништожен е, и неговите скапоцености не се полезни за ништо. Нивните сведоци не гледаат ништо и не знаат ништо, да им бидат за срам.

10 Кој прави бог и лее кип нема полза од тоа?

11 Ете, сите почитувачи на ликовите ќе бидат засрамени, нивните изработувачи повеќе од било кога. Нека се соберат сите и нека се појават: одеднаш ќе се исплашат и ќе се засрамат.

12 Ковачот го изработува врз жив јаглен, го вообликува со чекан, го обработува со силна рака. Гладен е и изнемоштен; не пие вода, се исцрпува.

13 Дрводелецот зема мерка, го оцртува ликот со писалка, го истружува со длето, го заокружува со пергел и го изделкува по углед на човечкиот лик, како убаво човечко обличје, за да стои во куќата.

14 Си насече за себеси кедри, зеде чемпрес или даб што ги одгледуваше за себе среде горските дрва; или посади бор што расте од дожд.

15 На човека му се добри за оган; ги зема да да се огрее; ги пали за да испече леб. Но од нив делка и бог, пред кого паѓа ничкум, прави идол и му се клања.

16 И така, половина од тоа запалува оган, пече месо на жар, јаде печено и се сити: се грее и говори: „Ах, се греам и уживам покрај огнот.”

17 Но од она што ќе остане си прави бог, свој идол, паѓа пред него ничкум и му се клања и моли: „Спаси ме, зашто ти си мој бог.”

18 Не знаат тие и не разбираат: очите им се заслепени, па не гледаат, и срцето, па не сфаќаат.

19 Таквиот не размислува, во него нема ни знаење ни разумност да си рече: „Со половината од ова запалив оган, испеков леб на жарта, го испржив месото што го изедов, па зар од останатото ќе направам гад? Зар ќе му се клањам на дел од дрво?”

20 Тој ја сака пепелта, измаменото срце го заведува. Не ќе го спаси својот живот и никогаш не ќе рече: „Не е ли измама ова во мојата десница?”

21 „Спомни си за тоа, Јакове, и ти, Израеле, зашто си Мој слуга! Јас те создадов, и слуга си Ми, Израеле, не ќе те заборавам!

22 Како магла ги растерав твоите престапи и како облак твоите гревови. Обрати Ми се Мене, зашто Јас те искупив.”

23 Воскликнувајте, небеса, зашто Господ го направи тоа! Запејте, земни длабочини! Одекнувајте со радост, планини, и вие, гори, со сите свои дрва! Зашто Господ го откупи Јакова, се прослави во Израел!

24 Вака зборува Господ, твојот Искупител и твојот Творец во утробата: „Јас Сум Господ Кој Сум создал сè, Кој ги оптегна Сам небесата, и ја зацврстив земјата без ничија помош.

25 Јас ги осуетувам знаците на вражалецот, и маѓесниците ги претворувам во безумници; ги присилувам мудреците да се повлечат и нивната мудрост ја претворувам во безумие,

26 но го потврдувам словото на Својот слуга, го исполнувам наумот на Своите гласници. Јас му зборувам на Ерусалим: ‘Насели се!’ И на јудејските градови: ‘Изградете се!’ Јас ги издигам од урнатините.

27 Јас му велам на морето: ‘Пресуши! Ти ги пресушувам реките.’

28 Јас му велам на Кира: ‘Пастиру мој!’ И тој ќе ги исполни сите Мои желби, велејќи му на Ерусалим: „Изгради се!” И на Храмот: „Положи си ги основите!”‘

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66