Исаија 7 MKB

1 Во деновите на јудејскиот цар Ахаз, синот Јотамов, синот Озиев, сирискиот цар Ресин и израелскиот цар Факеј, синот Ремалиин, завојуваа против Ерусалим, но не можеа да го заземат.

2 Тогаш му соопштија на Давидовиот дом: „Сиријците се настанија во Ефрем.” На таа вест се растреперија царевото срце и срцето на целиот народ, како што во гората растреперуваат стеблата од ветерот.

3 И Господ му рече на Исаија: „Излези му во пресрет на Ахаз, ти и твојот син Сеар Јасув, до крајот на водоводот на горниот рибник покрај патот за Бељарово Поле.

4 Речи му: ‘Внимавај, смири се, не бој се, и нека не ти примира срцето, од овие две чадливи гламничиња, од распалениот бес на сирискиот Ресин, и на Ремалииновиот син,

5 зашто Арам, Ефрем и синот Ремалиин ја смислија твојата пропаст.

6 „Да тргнеме, рекоа, против Јудеја, да ја уплашиме и да ја освоиме, за да го зацариме во неа синот Тавеилов.”

7 ‘Вака зборува Господ Бог: „Тоа нема да се случи, тоа не ќе биде!

8 Дамаск е глава на Сиријците, а Ресин е глава на Дамаск; уште шеесет и пет години, и Ефрем, разурнат, веќе нема да биде народ.

9 Самарија е глава на Ефремците, а Ремалиј е глава на Самарија. Ако не се потпрете на Мене не ќе се одржите.”‘“

10 Господ му проговори пак на Ахаз и му рече:

11 „Побарај од Господа, својот Бог, знак за себе од длабочината на Подземјето или од височините горе.”

12 Но Ахаз одговори: „Не, не сакам да барам и не сакам да Го искушувам Господа.”

13 Тогаш Исаија рече: „Чујте, Давидов доме, зар ви е малку да им додевате на луѓето, па и на мојот Бог Му додевате!

14 Затоа, Господ Сам ќе ви даде знак: Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му даде име Емануел!

15 Тој ќе се храни со млеко и мед, додека не се научи да го отфрла злото и да го избира доброто.

16 Зашто, пред младенецот да научи да го отфрла злото и да го избира доброто, земјата ќе опусти, заради која трепериш, од две царства.

17 Против тебе и против твојот народ и против куќата на татка ти, Господ ќе донесе денови какви не биле откога Ефрем се оддели од Јуда, - асирскиот цар.”

18 Во оној ден, Господ ќе им даде знак на мувите на вливот на египетските реки, и на пчелите во Асирската Земја,

19 да дојдат и да слетаат по стрмните долови, по расцепените карпи, по сите трништа и по сите пасишта.

20 Во оној ден, ќе ги избричи со брич наемен од онаа страна на Еуфрат - со асирскиот цар - косата од главата, влакната од нозете и брадата од образите.

21 Во оној ден, секој ќе храни по една крава и по две овци,

22 и од изобилството на млекото што ќе му го дадат ќе се храни со маст; ќе се хранат со маст и мед сите што ќе останат во земјата.

23 Во онај ден, секаде каде имаше илјада копачки, што вредеа илјада сребреници, ќе изникнат глогинки и трње.

24 Онаму ќе тргнуваат со стрела и лак, зашто целата земја ќе обрасте со глогинки и трње.

25 А по сите гори каде се копаше со мотика веќе никој не ќе оди, страшејќи се од трњето и глогинките: таму ќе пасат говеда и ќе газат овци.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66