Исаија 34 MKB

1 Пристапете племиња, за да чуете, внимателно слушајте, народи; чуј, земјо, и сè што ја исполнува, земен кругу и сè што расте во тебе!

2 Зашто Господ се разгневи на сите народи, се разјари на сета нивна војска. Ги отстапи на уништувањето, ги предаде на колеж.

3 Нивните убиени лежат, смрдеж се крева од многуте трупови, крвта потече низ горите,

4 се распадна сета небесна војска. Небесата се свитка како книга, и сета нивна војска паѓа, како што отпаѓа лозовиот лист, како што се тресе смоквиното лисје.

5 „Зашто испијанетиот меч на небото е Мој, ете, тој се нафрла врз Едом, за да го казни народот што го проколнав.

6 Господовиот меч е испијанет од крв, омрсен со мрсно, со крв од јагниња и јариња, со лој од овнешки бубрези. Зашто на Господа Му се принесува жртва во Восор, големо клање во Едомската Земја.

7 Со нив ќе бидат заклани биволите и јунчињата со биволите. Земјата ќе се напои со нивната крв, и нивниот прав ќе се омрси од мрсно.”

8 Зашто за Господа ова е ден на одмазда, година на наплаќање за да го одмазди Сион.

9 Неговите потоци се претворуваат во смола, неговиот прав во сулфур, и неговата земја ќе стане пламната смола.

10 Ни дење ни ноќе не ќе угасне, димот ќе и се дига довека, ќе остане пуста од колено до колено, во веки векови, никој не ќе поминува низ неа.

11 Ежот и чапјата ќе ја заземат, бувот и гавранот ќе престојуваат во неа. Ќе оптегне над неа јаже на запустеност и висулец на испразнување.

12 Не ќе ги има веќе нејзините благородници, таму веќе не ќе бидат прогласувани цареви, сите кнезови ќе и бидат уништени.

13 Ќе никне трње во нејзините дворци, коприва и капина во тврдините, таа ќе биде дувло на чакали, легло на ноеви.

14 Таму ќе се среќаваат дивите мачки со хиените, јарците ќе се повикуваат еден друг; таму ќе се одморува Лилит - ноќно привидение - наоѓајќи почивалиште.

15 Таму ќе се гнезди змија, ќе снесува јајца, ќе лежи на нив, ќе ги извади во твојата сенка; таму ќе слетуваат јастребите еден по друг.

16 Истражувајте во Господовата книга и читајте, ниедно од тоа не изостана, зашто Неговата уста нареди така, и Неговиот Дух нив ги собра.

17 Зашто Тој им фрли жрепка и Неговата рака со јаже им ја измери земјата: тие ќе ја владеат довека, ќе ја населуваат неа од колено до колено.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 61 62 63 64 65 66