1 Разбуди се, Разбуди се! Облечи се со сила, Сионе; облечи се во најсјајни алишта, Ерусалиме, свети граде, зашто веќе не ќе се искачуваат кон тебе необрезаните и нечистите.
2 Истреси го правот од себе, стани, заробен Ерусалиме! Симни го оковот од својот врат, заробена Сионска Ќерко.
3 Да, вака зборува Господ: „Бевте продадени за ништо и ќе бидете откупени без сребреници.”
4 Да, вака зборува Господ: „Мојот народ слезе некогаш во Египет за да се насели таму како странец, потоа Асирците го угнетуваа без причина.
5 Но сега, зошто Сум Јас тука - слово е Господово - кога Мојот народ беше поробен без причина, а неговите господари ликуваат - слово е Господово - и непрекратно секојдневно се хули Моето име.
6 Затоа мојот народ ќе го запознае Моето име, и ќе сфати, во оној ден, дека Сум Јас Кој говорам: ‘Еве Ме!’”
7 Колку се прекрасни по планините нозете на гласоносецот на радоста кој разгласува мир, носи среќа и проповеда спасение, говорејќи му на Сион: „Твојот Бог царува!”
8 Чуј, твоите стражари го издигаат гласот, сите заедно воскликнуваат од радост, зашто гледаат со своите очи како Господ се враќа на Сион.
9 Ликувајте, воскликнувајте, ерусалимски урнатини, зашто Господ го утеши Својот народ и го искупи Ерусалим.
10 Господ ја оголи Својата света мишка пред очите на сите народи, за да го видат сите краишта на земјата Спасението на нашиот Бог.
11 Одете си, одете си, излезете оттаму, не допирајте ништо нечисто! Одете си од неговата средина! Очистете се, вие кои ги носите Господовите садови.
12 Зашто нема да излезете набрзина, ниту ќе одите бегајќи, зашто Господ ќе ви биде претходница, а Израелевиот Бог задна стража!
13 Ете, Мојот Слуга ќе успее, ќе се издигне, ќе се возвиши и ќе се прослави
14 Како што мнозина испаднаа во ужас кога го видоа, толку му беше лицето нечовечки, обезличено, па со Својот лик веќе не личеше на човек. -
15 И така Тој ќе восхити многу народи и царевите ќе стиснат уста пред Него, гледајќи го она за кое што никој не им зборувал, сфаќајќи го она за што никогаш не чуле: