Исаија 14:18-24 MKB

18 Царевите на народите почиваат сите во чест, секој во својата гробница.

19 А ти си исфрлен и од гробот, како одвратен смет, покриен со заклани, со прободени од меч, што се расфрлени по гробните плочи како згазен труп!

20 Не ќе се здружиш со нив во гробот, зашто ја уништи својата земја и го искла својот народ. И довека веќе не ќе се спомнува злосторничкото племе.

21 Подгответе колеж на децата за беззаконијата на нивните татковци, за да не се кренат веќе да ја освојуваат земјата и да не го покријат лицето на светот!”

22 „Ќе станам против нив - вели Господ над Војските, и ќе му ги сотрам на Вавилон името и Остатокот, родот и породот - вели Господ.

23 Ќе им го дадам во сопственост на ежевите и на мочуриштата. Ќе го изметам со гибелна метла,” говори Господ над Воинствата.

24 Господ над Воинствата се заколна: „Што намислив, ќе се збидне, што наумив, ќе се изврши!