Исаија 17:5-11 MKB

5 Ќе биде како жетвар кога го фаќа житото, а раката му го жние класјето, како кога се собираат класови во Рефаимската Долина -

6 ќе останат само побироците; или како кога се тресе маслинката: две-три маслинки сосем на врвот, четири или пет на гранките на дрвото - Слово е на Господа, на Израелевиот Бог.

7 Во оној ден човекот ќе погледне на својот Создател и ќе ги втренчи очите кон Израелевиот Светец.

8 Не ќе го гледа веќе жртвеникот, делото на своите раце, не ќе го гледа веќе оној што неговите прсти го направија: ашерите и сончевите столбови.

9 Во оној ден твоите градови ќе бидат напуштени, како што беа напуштени хивијските и аморејските, кога ги оставија пред Израелците и ќе запустат,

10 зашто го заборави Бога на своето спасение и не ја спомна Стената на својата сила. Затоа садиш пријатни билки и пресадуваш туѓински подници;

11 тие порастуваат, во денот кога ги посадуваш, а наутро расцветуваат твоите подници, но жетвата пропаѓа во ден на неволја, во ден на неизлечива тага.