Исаија 17:7-13 MKB

7 Во оној ден човекот ќе погледне на својот Создател и ќе ги втренчи очите кон Израелевиот Светец.

8 Не ќе го гледа веќе жртвеникот, делото на своите раце, не ќе го гледа веќе оној што неговите прсти го направија: ашерите и сончевите столбови.

9 Во оној ден твоите градови ќе бидат напуштени, како што беа напуштени хивијските и аморејските, кога ги оставија пред Израелците и ќе запустат,

10 зашто го заборави Бога на своето спасение и не ја спомна Стената на својата сила. Затоа садиш пријатни билки и пресадуваш туѓински подници;

11 тие порастуваат, во денот кога ги посадуваш, а наутро расцветуваат твоите подници, но жетвата пропаѓа во ден на неволја, во ден на неизлечива тага.

12 Ах, шум на многубројни народи, шумат како што шуми морето; шум на народи што шумат, како што шумат големите води.

13 Шумат народите како што шумат силните води, но кога Тој ќе им се закани, бегаат далеку, развевани низ горите како плева на ветер, како правот во виор.